Американскиот амбасадор во Косово, Џефри Ховениер, денеска по средбата со претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека сè уште има непознати детали за инцидентот во селото Бањска и предупреди дека може да се очекуваат и „други слични инциденти“.
Според него, безбедносните институции работат на расветлување на околностите.
„Сè уште не можам да зборувам за последиците, поминаа 48 часа од нападот. Некои работи ги знаеме, а некои не. Тоа беше голем напад и инцидент. САД тесно соработуваат со Косово. Знаеме дека тоа беше напад на добро обучена група со воена опрема. Знаеме дека некои од напаѓачите се убиени, а некои избегале. Ова е обучена и организирана група и зад нив стои некој кој ги опремил со тешко вооружување“, рече американскиот амбасадор.
Ховениер нагласи за координација на косовската полиција со КФОР и ЕУЛЕКС.
„Има силна координација меѓу косовската полиција, КФОР и ЕУЛЕКС. Ова беше голем напад на Косово со трагични последици. Ние сме со народот на Косово и работиме сторителите да се изведат пред лицето на правдата“, додаде тој.
МИА