Амбасада на САД: Секоја акција за распаѓање на БиХ е кршење на Дејтонскиот договор и ќе има тешки последици

Бања Лука, 27 октомври 2022 (МИА) – Амбасадата на САД во Босна и Херцеговина соопшти дека секоја акција преземена со цел распаѓање на БиХ е кршење на Дејтонскиот мировен договор и ќе сноси тешки последици, јави Бета.

„Изборните тела имаат одговорност да обезбедат интегритет на изборниот процес, вклучувајќи повторно броење на гласачките ливчиња и други мерки кога околностите го бараат тоа. САД го почитуваат правото на мирен собир и протести. Тие се дел од секоја демократија“, објавија на Твитер од Американската амбасада во Босна и Херцеговина.

Според Амбасадата, „нема оправдувања на стандардните мерки на изборен интегритет и одговорност да се одговори со опасна и неодговорна реторика за отцепување“, што се слушна на митингот на владејачките партии во Бања Лука.

„Оние кои бараат функции во БиХ треба да ги почитуваат демократските процеси и институциите што обезбедуваат гласот на граѓаните да се слушне и да престанат на гласачката јавност да ѝ претставуваат погрешни и неточни информации за изборниот процес во Босна и Херцеговина“, наведуваат од Амбасадата на САД.

Прочитајте и:  Борел: Трамп на чело на САД не е крај на светот, туку почеток на нов, поинаков

Како што пишуваат, САД се посветени на Дејтонските принципи, Босна и Херцеговина е демократска, мултиетничка, суверена и независна држава, со несомнен територијален интегритет.

„Ниту Дејтонскиот договор, ниту Уставот на БиХ на ниту еден ентитет не му даваат право на отцепување“, нагласија од американската Амбасада.

Во Бања Лука во вторникот беше поддржан митингот на владејачката коалиција во РС, на чело со Сојузот на независни социјалдемократи, од каде беше испратена порака дека тие не го признаваат легитимитетот на Централната изборна комисија на БиХ, дека за нив Милорад Додик е победник на изборите за претседател на РС и оти овој ентитет ќе работи на усвојување свое изборно законодавство.

- Реклама -