Аматер го открил најмалиот диносаурус

фосилЛовец на фосили аматер го открил најмалиот диносаурус во светот, но го чувал во фиока две години без да знае колку било важно неговото откритие. Педесет и едногодишниот Дејв Брокхурст го нашол фосилот на животното долго само 30 сантиметри, наречено Ешдаун Манирапторан, во напуштена фабрика за цигли во близина на неговиот дом во Бексхил, Источен Сасекс.

Но тој го чувал неверојатното откритие две години пред да стапи во контакт со експертите кои сфатиле дека се работи за досега најмалиот откриен диносаурус кој не можел да лета. Господин Брокхурст изјавил: „Знаев дека има нешто различно кај фосилот, но не ни помислив што би можело да биде. Го чував во фиока одредено време бидејќи не знаев што да правам со него.“

Фосилизираниот ’рбетник бил анализиран од палеонтолозите доктор Дерен Нејш и доктор Стив Свитмен, кои успеале да го состават најверојатниот облик и големина на животното. Животното тежело околу 200 грама, и покрај тоа што неговото тело било прекриено со пердуви најверојатно се движело со скокање наоколу како птица, најверојатно имало кус опаш, долг врат и канџи на рацете и нозете.
фосилиДиносаурусот живеел пред помеѓу 100 и 145 милиони години, и најверојатно се движел крај 10 метарските игуанодони и 12 метарските Гигантосауруси. Бидејќи черепот на диносаурусот сè уште не е пронајден, доктор Нејш вели дека не може со сигурност да каже со што се хранело животното. Тој изјавил: „Најверојатно се работи за сештојад кој се хранел со мали животни, инсекти како и лисја и овошје.“

Истражувачите се надеваат дека ќе успеат да најдат уште делови од малото суштество и додале дека би можело да има уште голем број неоткриени видови кои чекаат да бидат откриени по должината на јужниот брег на Англија. Доктор Нејш додал: Ајл оф Вајт, Сури и Источен Сасекс се жаришта кои често откриваат нови видови на диносауруси, што и не е лошо за земја која била подетално истражена и проучувана од било која друга земја во светот.“ Господин Брокхурст рекол: „Не можев да поверувам кога ми кажаа дека се работи за нов вид. А потоа открив дека најверојатно се работи за најмалиот диносаурус во светот. Неверојатно.“ [Smallest dinosaur found by amateur fossil-hunter… who kept it in a drawer for 2 years]

- Реклама -