Алварез пред ангажман во Атлетико Мадрид


Англискиот и шпанскиот фудбалски гиганти Манчестер Сити и Атлетико Мадрид ги договорија сите детали од договорот и аргентинскиот напаѓач Хулијан Алварез очигледно од „Граѓаните“ ќе се пресели во редовите на „Јорганчиите“.

Британските медиуми пренесуваат дека Сити ќе добие околу 75 милиони евра обештетување.

Се дознава дека англискиот шампион сакал да го задржи 24-годишниот Алварез, но аргентинскиот напаѓач инсистирал да си замине, незадоволен од својата минутажа во Сити, свесен дека тешко ќе му биде да обезбеди место во првата постава покрај норвешкиот голегетер Ерлинг Халанд.

Тренерот на Атлетико, Диего Симеоне и претходно се обиде да го ангажира сонародникот Алварез, но тој во 2022 година од Бока Јуниорс се пресели во „синиот“ дел на Манчестер за 20 милиони евра.

Атлетико, исто така, е во фаза на доведување на играчот за врска Конор Галагер од Челзи за 35 милиони евра.

Галагер, производ на академијата на лондонските „Сини“, би требало да потпише петгодишен договор со Атлетико откако од лондонскиот клуб му соопштиле дека најверојатно нема да биде во плановите на новиот тренер Енцо Мареска за претстојната сезона.

- Реклама -