„Алсат“: Медицинските сестри од Инфективна на раб да кренат раце, се нижат нови откази

Уште една медицинска сестра решила да ја напушти Инфективната клиника во Скопје, а покрај неа, и нејзини колеги од одделението за Ковид-19 пациенти се на работ да кренат раце, објави „Алсат“ на албански.

Како што пренесува медиумот, таа не сакала да ја коментира својата одлука за јавноста, но затоа пак, и покрај притисоците да не се објавува ситуацијата во клиниката, друга медицинска сестра, која сака да остане анонимна, се обратила до телевизијата за да ги сподели бројните проблеми.

„Како што нашиот број се намалуваше, со оглед дека не го искористивме годишниот одмор, ситуацијата стана неподнослива и меѓу колегите, и во однос на докторите. За да биде уште полошо, секогаш кога ќе отидев на работа бев под стрес, со мобинг, навреди, недолично однесување дури и од некои од пациентите“, вели сестрата од Инфективна.

Како што пренесува „Алсат“, некои од сестрите се жалат и дека биле заразени од директен контакт со пациентите за кои се грижат 8 часа дневно. Имаат поплаки и за психолошките последици.

„Овие доживувања веќе почнаа психички да нѐ уништуваат, кај 90% од сестрите. Мораме да ги трошиме парите што ги добиваме од дежурствата за миење и дезинфекција по дома. Има случаи и каде работат и по двајца од исто семејство, тоа значи дека сите трошоци ни се за одржување на нашето здравје, купувајќи шампони и дезинфициенси“, вели анонимната медицинска сестра за „Алсат“.

По отказите на три медицински сестри, меѓу кои и главната, минатата недела, преостанатите медицински сестри се жалат дека само две од нив се грижат за целото одделение, од давање терапија, па до сите други третмани на пациентите. Тие бараат итно подобрување на условите за работа, неопходно за продолжување на борбата со пандемијата.

 

 

- Реклама -