Алијанса: Ако двојното гласање по Бадентер е „проблематично“, ајде да зборуваме за дводомен парламент

„Формулацијата ‘јазикот што го зборуваат 20% од населението’ не е поврзана со дневната политика, туку со навредлива дефиниција на албанскиот јазик која мора итно да се отстрани. Ова ќе ја зголеми внатрешната социјална и меѓуетничка кохезија и ќе ја направи Северна Македонија уште подобра, уште посилна и земја која ги прифаќа европските вредности на јазична и културна различност“, велат од Алијанса за Албанците во реакција на изјавата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ – Христијан Мицкоски, кој уцените од албанскиот блок за албанскиот да стане официјален јазик како замена за поддршка на уставните измени, ги нарече „непринципиелно и неевропски“.

Мицкоски рече дека е подготвен да разговара на темата, но во пакет и со темата за гласањето по Бадентер и за „балансерот“ за етничка застапеност при вработувањата во јавниот сектор.

„Да имаме еден фер систем во Македонија каде што луѓето нема да напредуваат поради тоа што се дел од некаква си бројка или дел од некаква квота или процент, туку затоа што вредат, затоа што се конкуретни, имаат знаење“, рече Мицкоски.

Според Алијанса, ова е обид на Мицкоски за збунување на јавноста, но и условување кое, како што велат, „ги разнишува темелите на државата“.

„За нас е подеднакво навредливо кога јазикот на нашите сограѓани се нарекува северномакедонски или славомакедонски, а понекогаш и поинаку. Затоа, проблемот од 20 проценти г. Мицкоски и другите мора еднаш засекогаш да го сфатат како што треба, тргнувајќи од самите себе, а никако да не ја збунуваат јавноста создавајќи амалгами со Балансер, којшто во суштина е алатка за планирање на вработувања во јавниот сектор за остварување на уставната обврска за соодветна застапеност на заедниците“, велат од партијата.

Прочитајте и:  Мицкоски: Мојот став за договорот со Бехтел и Енка е непроменет, но нема да одиме чекор назад и да платиме уште 350 милиони долари

Што се однесува до принципот Бадентер, од Алијанса потенцираат дека тоа е механизам на консоцијалната демократија и напуштањето на таквиот принцип, како што велат, би било ретроградно и би донело „последици кои никој од нас не би ги посакал“.

„Бадентер или таканареченото двојно гласање е европски стандард за одржување на мирот и стабилноста што беше воспоставен во републиките од поранешниот комунистички блок по големите трагедии како што се војните во поранешна Југославија. Овој механизам го носи името на неговиот творец Роберт Бадентер, поранешен министер за правда и поранешен претседател на уставниот суд на Франција, или светилникот на просветителството и европската демократија.

Секое прекршување на овој механизам на консоцијална демократија би било ретроградно и би донело последици кои никој од нас не би ги посакал. Ако ова двојно гласање е ‘проблематично’ за некого, треба да се земе предвид дека многу земји слични на нашата го имаат регулирано ова прашање со дводомен парламент, кој треба да се стави на маса доколку во иднина се отвори ваква расправа“, велат од Алијанса.

За крај, во соопштението се додава дека Алијанса за Албанците го отфрла „секое условување кое ги разнишува темелите на нашата држава, изградена врз принципите на консоцијалната демократија.

Ваквите условувања не можат да се сметаат поинаку освен како дневна политика за внатрепартиска употреба, за одржување на фотелјата наспроти предизвиците кои се подалеку/пошироко од Северна Македонија и Европа“, порачуваат од партијата, алудирајќи на Мицкоски.

- Реклама -