
Предните светла во облик на клин дефинираат нов визуелен идентитет и се состојат од десетици мали ЛЕД диоди кои создаваат динамичен светлосен потпис. Профилот на автомобилот открива изразени кривини и превои на каросеријата, додека страничните прозорци визуелно се спојуваат со рабовите на покривот. Целокупниот впечаток го надополнуваат големи ковани бандажи со шест кружни елементи и златна завршница.
Задниот дел е дефиниран со стакло во облик на штит (Scudetto), пар тркалезни ЛЕД светла и централно поставени издувни цевки, една над друга. Концептот е долг 4,7 метри, широк 2 метри и висок 1,3 метри, што го прави подолг, поширок и понизок од моделот џулија.
Концептот куореросо го погонува познатиот двоен турбобензински 2,9-литарски V6 мотор од џулија и стелвио квадрифољо. Во стандардната верзија, тој мотор развива 505 коњски сили и 600 њутнметри вртежен момент. Сепак, во концептот е спарен со хибриден систем, па се очекува уште поголема моќност. Автомобилот има погон на сите тркала, автоматски менувач и погонско вратило направено од јаглеродни влакна.
Внатрешноста е инспирирана од класичниот модел 33 страдале од 1967 година. Се издвојува воланот во форма на „јарем“ на кој се наоѓаат прекинувачот за избор на режим на возење и две дополнителни контроли. Зад воланот се наоѓа голем дигитален екран кој може да се подели на два одделни дисплеи со притискање на копче, во зависност од желбите на возачот.
Кабината има препознатливи тркалезни отвори за вентилација, слични на оние во сегашните модели, и „лебдечка“ централна конзола. Има голем екран на допир со неколку физички прекинувачи. Предните спортски седишта се обложени со комбинација од црвена и црна кожа.
Задните седишта се исто така во облик на школка, а патниците имаат посебен екран за управување со функциите. Пристапот до задниот дел од кабината е олеснет со врати кои се отвораат во спротивна насока од предниот дел.
На презентацијата на концептот зборуваше Санто Фичили, извршен директор на Алфа Ромео и Масерати.
„Алфа Ромео отсекогаш создавала автомобили кои не се само превозно средство, туку будат и емоции. Токму оваа врска помеѓу човекот и машината, водена од единствената култура на италијанскиот дух, спортскиот карактер и страста, го прави секој од нашите автомобили вистинска Алфа. Со моделот куореросо, ја пренесуваме таа карактеристика во иднината која е отворена за различни решенија за возење, каде што технологијата, функцијата и квалитетот секогаш се во служба на емоциите и задоволството при возењето“, кажа Фичили.



