Алергија на Wi-Fi?

wifialergycover

Во последните месеци од 2015-та, медиумите пренесоа неколку стории за луѓе кои, кога ќе се најдат во близина на безжичен интернет сигнал, чувствуваат цела низа на необични симптоми.

Веќе некое време луѓето ја обвинуваат чувствителноста на електромагнетните извори како главна причина за необјаснивите главоболки, вртоглавици и кожни иритации. Состојбата доби и назив – „електромагнетна пречувствителност“.

Учесниците во едно истражување на таа тема, пријавија дека чувствуваат симптоми како главоболки и замор, и дека тие се појавуваат кога се во близина на уреди кои емитуваат електромагнетни сигнали – како што се Wi-Fi рутерите, мобилните телефони и компјутерите. Што подалеку се од изворот на сигналот, тврдат тие, толку поблаги се симптомите.

Во текот на истражувањето, испитаниците биле изложени на електромагнетни бранови, ама им било речено дека сигналот е исклучен. Испитаниците не можеле адекватно да го проценат присуството на сигналот.

Доктор Џејмс Рубен, од Лондонскиот колеџ, истакнува дека луѓето кои се жалат на електромагнетна пречувствителност навистина ги манифестираат симптомите на болен, макар што науката покажува дека сигналните бранови не предизвикуваат никакви болести. Светската здравствена организација не го негира фактот дека овие луѓе имаат разни невообичаени симптоми, но не се согласува дека електромагнетната пречувствителност може да биде медицинска дијагноза.

А симптомите варираат од човек до човек, но воглавно се многу воопштени, што значи дека можат да настанат од различни причини. На пример, главоболката може да алудира на преладеност или на премногу кофеин. Вртоглавицата може да укажува на недоволно спиење. Иако привлекуваат внимание, ваквите показатели обично не им се од помош на докторите кога треба да го идентификуваат и третираат изворот на проблемот.

Во некои случаи, луѓето кои се жалат на симптоми велат дека нивниот интензитет е неподнослив и дека драстично влијае на нивните животи. Така, родителите на еден 12-годишник од Масачусетс поднесоа тужба против едно приватно училиште, тврдејќи дека новите индустриски капацитети на Wi-Fi системот во училиштето довеле до здравствени проблеми кај нивното дете. Детето страдало од главоболки, кожни иритации, осипи, повремено крварење од носот, вртоглавици и аритмија. Наводно, докторите не можеле да ги дијагностицираат симптомите, со оглед на тоа што се појавувале само за време на школските часови. Официјалните претставници на училиштето го отфрлија заклучокот дека болеста на детето настанала по изложеноста на Wi-Fi сигналот, а процената на Wi-Fi системот покажа дека сите нивоа на сигналот се во рамките на безбедните параметри. Но, родителите не се откажуваат и до ден денес тврдат дека симптомите се показател на електромагнетна пречувствителност и бараат од училиштето да преземе заштитни мерки.

Во своите истражувања, доктор Рубен ги прегледа сите студии и ги анализираше сите симптоми кои можат да бидат предизвикувачи кај луѓето кои пријавиле „алергија на Wi-Fi“. Тој заклучува дека феноменот не се прикажува дури ни при обновените експерименти, а дури ни во контролирани (лабораториски) услови.

„Може Wi-Fi-то не е виновникот, можеби нешто друго има поврзаност со симптомите“, истакнува докторот. Според него, за ваквите необични индикации можат да бидат одговорни различните здравствени услови, како и условите во животната средина, кои се разликуваат од поединец до поединец.

За друг потенцијален кривец се смета ноцебо ефектот, кој е нарекуван и „лошиот брат на плацебо ефектот“. Ноцебо ефектот се карактеризира со тоа што лицето кое верува дека има одредена болест, навистина ги добива симптомите на таа болест. Со други зборови, оној кој е уверен дека е алергичен на Wi-Fi, ги чувствува симптомите дури и кога не е изложен на сигналот.

Ноцебо или не, останува заклучокот дека симптомите постојат. Едноставно, неизбежно е прашањето: „Зар не треба нешто да се преземе?“. Ама што знаеме ние, та не сме доктори…

- Реклама -