Ако не сме паметни, еден ден и ИСИС ќе користи роботи

Еден експерт по вештачка интелигенција од Австралија стравува дека автоматизацијата на оружјата ќе нé доведе до Terminator сценарио. „Ако луѓето не се тие кои ќе управуваат со машините за убивање, ќе имаме уште помалку контрола врз војната/војните отколку што имаме сега“, предупредува тој.

Тоби Валш – кој е водечки AI експерт во земјата и професор на Универзитетот на Нов Јужен Велс, особено се плаши дека автономните оружја можат да паднат во рацете на терористите; тогаш ќе бидеме соочени со катастрофа од размер каков што сме виделе само во научната фантастика. Бидејќи автономните оружја ќе се однесуваат според своја „сопствена проценка“, самото нивно создавање доаѓа во пакет со речиси неизбежната судбина да бидат употребувани против цивилно население.

Валш е еден од многуте AI експерти кои побараа од Обединетите Нации да ги забранат оружјата кои се способни самостојно да нишанат и пукаат, без потреба од човечка интервенција. „Ако ништо не се направи, за 50 до 100 години може да биде исто како во Терминатор“, вели Валш, но смета дека таа слика може да ја видиме и многу, многу порано.

Дури и денес во Јужна Кореја има статични стражарски (sentry) роботи распоредени долж границата со Северна Кореја, кои се опремени со митралези (machine guns) и сензори за движење и топлина кои откриваат натрапници. Да, овие роботи имаат потреба од човек за да го повлече орозот (не буквално, ама преку компјутер), но со денешниот напредок на технологијата, тој човек може лесно да биде заменет со робот или машина со вештачка интелигенција, со што целосно би се отстранил од процесот.

Прочитајте и:  Си: Вештачката интелигенција не смее да биде игра на богатите земји и луѓе

Е тоа е проблемот, вели Валш. Оружјата што можат да пукаат користејќи вештачка интелигенција, а без човечка интервенција, го поплочуваат патот кон трка за вооружување со вештачка интелигенција која никому нема да му донесе добро. „За разлика од нуклеарните оружја, тие (роботите) не бараат скапи и тешко достапни материјали, што ќе ги направи сеприсутни и евтини за масовно производство кај сите значајни воени сили“, пишува Валш во неговото отворено писмо до Обединетите Нации од 2015-та. Повикот за забрана на автономните оружја е потпишан од илјадници истражувачи, научници и експерти, меѓу нив и Стивен Хокинг, Илон Маск, Ноам Чомски и др.

Со писмото, Валш сака да ги натера Обединетите Нации да спречат сценарио во кое постоењето на целосно автономни оружја несомнено ќе ја дестабилизира планетата. Не само што ќе бидат извонредно смртоносни, туку и за терористите ќе биде лесно да се докачат до такви оружја. ИСИС веќе користеше дронови на далечинско управување за фрлање бомби врз Ирак, потсетува Валш. А колку што е загрижен за непосредниот импакт од вооружена вештачка интелигенција врз цивилите и бегалците, и тоа дека можат да паднат во погрешни раце, толку е загрижен и за иднината на човештвото ако машините продолжат да се развиваат во таа насока.

Прочитајте и: Од што се плаши Стивен Хокинг?

- Реклама -