Ако луѓето станат вегетаријанци

Expo%20Milano%20News%20Bite%20-%20Sunrise%20over%20Green%20fields[1]

Ако се зголеми потрошувачката на овошје и зеленчук и се намали потрошувачката на месо, светот ќе може да избегнува неколку милиони смртни случаи годишно до 2050 година, да ги ограничи емисиите што ја загреваат планетата и да штеди милијарди долари годишно од трошоците кои сега одат на здравствена заштита и климатски штети. Ова го покажуваат резултатите од истражувањето објавено во списанието „Протоколи на Американската академија на науките“.

Студијата е прва од ваков вид, која проценува какви ефекти би можело да има глобалниот премин кон главно растителна исхрана – врз здравјето и климата.

Небалансираната исхрана е најсериозниот здравствен товар за луѓето во светот, а човечкиот систем на исхрана е одговорен за повеќе од една четвртина од стакленичките гасови, забележува раководителот на истражувањето – Марко Спрингман.

Спрингман и неговите колеги од Универзитетот Оксфорд ги истражуваа ефектите од четири различни типа исхрана – вообичаена; базирана врз глобалните препораки, вклучувајќи ги и тие за минимално количество овошје и зеленчук и за ограничувањето за црвеното месо; вегетаријанска и веганска.

Истражувачите утврдиле дека преку воведувањето на диета, прилагодена на глобалните препораки, до 2050 година би можеле да бидат спречени до 5.1 милиони смртни случаи годишно. Во светот со вегани, пак, кои не консумираат производи од животинско потекло (вклучувајќи јајца и млеко), годишно би умирале 8.1 милиони луѓе помалку.

Во однос на климатските промени, ако луѓето ги следат препораките за здрава исхрана, ќе придонесат за намалување на стакленичките гасови поврзани со прехранбениот систем за 29 проценти, наведува МИА. Усвојувањето на вегетаријанска исхрана ќе доведе до намалување на стакленичките гасови за 63 проценти, а на веганска диета – за 70 проценти.

Промените во навиките на исхрана можат да придонесат и за заштеда на меѓу 700 милијарди и еден трилион долари годишно од трошоците за здравствена заштита, неплатени здравствени сметки и пропуштени работни денови. Економските придобивки од ограничувањето на стакленичките гасови би достигнувале износ и до 570 милијарди долари.

Истражувачите утврдиле дека три четвртини од сите придобивки ќе се случат во земјите во развој, иако ефектот врз глава на жител ќе е највидлив во развиените земји, поради зголемените стапки на потрошувачка на месо и дебелината.

Авторите на студијата ги земаат во предвид и регионалните разлики, врз основа на кои можат да се одредат најсоодветните интервенции вопроизводството и потрошувачката на храна.

На пример, ограничената потрошувачка на месо ќе има најмногу видлив ефект врз Источна Азија, Западот и Латинска Америка. Зголемувањето на потрошувачката на овошје и зеленчук ќе се покаже како еден од најважните фактори за намалување на смртните случаи во Јужна Азија и земјите јужно од Сахара. Ограничениот внес на калории, поврзан со намалување на бројот на случаите на дебелина, би одиграл клучна улога за Источниот Медитеран, Латинска Америка и западните нации.

Промената сепак нема да биде лесна. За да се постигне начин на исхрана во согласност со сегашните препораки, глобалната потрошувачка на овошје и зеленчук треба да се зголеми за 25%, а потрошувачката на црвено месо да се намали за 56%.

- Реклама -