Џиновските панди во Зоолошката градина Schonbrunn во Виена се во полно пролетно расположение. Вчера Јанг Јанг и Лонг Хуи се пареа неколку пати, што е голема сензација во светот на пандите, бидејќи овие животни ретко се парат кога се во заточеништво.
Во сите зоолошки градини во Европа, пандите се раѓаат со вештачко оплодување.„Сезоната на параење кај пандите е еднаш годишно и трае многу кратко. Женките се плодни само 2 или 3 дена“, вели Дамар Шратер, директор на зоолошката.
Обично, џиновските панди сакаат да бидат сами, но во последно време овие две биле мошне немирни, не јаделе премногу, оставале „потпис“ насекаде и правеле многу врева. Чуварите кои работат во оваа зоолошка ги забележале знаците и ги пуштиле Јанг Јанг и Лонг Хуи да бидат заедно.
Сега претстојат неизвесни 2 месеца за да се види дали парењето било успешно и дали можеме да очекуваме нови панди.
Во зоолошката во Виена, досега се родени 3 панди – Фу Лонг во 2007, Фу Ху во 2010 и Фу Бао во 2013 година. Сите се префрлени во Кина кога наполнија 2 години. Зоолошката во Виена е единствената во Европа каде што пандите се размножуваат по природен пат.
Лонг Хуи и Јанг Јанг беа донесени во 2003 година, во рамки на програмата за заштита на пандите.
Проблемот со репродукцијата на пандите може да се припише на низа фактори.
Иако имаат дигестивен систем на карнивор, овој вид мечки еволуирал да зависи речиси целосно од бамбус, кој пак ги снабдува со малку енергија.
Просечната сесија на парење трае од 30 секунди до 5 минути. Проблемот е тајмингот – достигнуваат сексуална зрелост на возраст од 4 до 8 години, а можат да се репродуктивни до 20. Сепак, како што рековме, сезоната е кратка и трае од март до мај, а женката е заинтересирана само 2 или 3 дена за време на пролетта. Во просек, раѓаат по едно малечко на 24 месеци.
Загрижени за малиот сексуален нагон на џиновските панди во зоолошките, научниците пробаа речиси сé за да ги „расположат“, вклучувајќи и Вијагра и панда-порно. Кога сето заврши со неуспех, тие се потпреа на вештачкото оплодување како начин да се осигураат дека овие загрозени животни ќе имаат малечки.
Денес има само околу 1800 панди преостанати во дивината.