Airbnb нуди гладијаторски игри во римски Колосеум


Онлајн платформата за изнајмување сместување Airbnb следната година ќе понуди борби во стилот на гладијатори во римскиот Колосеум, што ќе биде прв ваков настан во повеќе од 1.500 години.

Древната арена, која некогаш собирала до 70.000 гледачи, ќе прими избрана група од дваесеттина гости за две вечери во мај. Две до тричасовната програма во историскиот Колосеум ќе содржи изведби на гладијатори и ќе вклучува лекции за древни борбени техники.

Настанот започнува во подземните одаи каде гостите ќе облечат оклопи, а завршува со борби со меч и штит во арената.

Платформата наведува дека „секој што сака да доживее автентичен вкус на гладијаторска борба“ може да се пријави на airbnb.com/gladiatormovie. Пријавувањето трае од 27 ноември до 10-ти декември.

Можност за учество на гладијаторското шоу во мај следната година ќе добијат осум лица кои ќе бидат извлечени по пат на лотарија, а секој од нив може да донесе уште едно лице.

Иницијативата наиде на реакција во главниот град на Италија.

Airbnb, заедно со другите слични платформи, се соочува со критики за влошување на недостигот од прифатливо домување поради краткорочно изнајмување на становите на туристи. Во Рим ова прашање е особено сериозно, што предизвика силно противење од локалните граѓански иницијативи.

Друга голема критика е трансформацијата на местото на светското наследство на УНЕСКО во еден вид забавен парк, со некои споредби со „Дизниленд“.

Со околу седум милиони туристи годишно, Колосеумот е една од најпосетуваните атракции во Италија. Изградена меѓу 72 и 82 година од нашата ера, арената била место на гладијаторски битки до петтиот век, кога традицијата завршила.

- Реклама -