
Агенцијата за храна и ветеринарство ги отфрли тврдењата дека оставката на Оливер Миланов била резултат на притисок од сточарите поради доцнењето на вакцините против сипаници кај овците и козите. Миланов поднел оставка на 3 ноември, а за директор на АХВ е именуван Јовица Андовски.
Реакцијата на АХВ следува откако претседателот на Асоцијацијата на сточари, Насер Џемаили, изјавил дека заминувањето на Миланов е последица на незадоволството на сточарите, кои претходно барале негова смена.
Од Агенцијата наведуваат дека кадровските одлуки се лични, политички и институционални прашања и дека барањата на Асоцијацијата на сточари не биле фактор при оставката на Миланов. Причините за неговото повлекување не биле конкретно образложени ниту во соопштението на Социјалистичката партија на Македонија, ниту Миланов јавно соопштил зошто се повлекува.
СПМ, чии членови се Миланов и Андовски, му се заблагодари на досегашниот директор за раководењето со институцијата и му честиташе на Андовски за именувањето. Андовски претходно бил заменик-министер за здравство.
На 3 ноември АХВ информираше и дека на скопскиот аеродром од Турција пристигнале 400.000 дози вакцини против сипаници кај овците и козите. Институцијата најави итна вакцинација согласно план одобрен од Европската унија, додека како приоритети ги посочи сузбивањето на болеста, заштитата на сточниот фонд и координацијата со сточарските здруженија.



