Ахмети: „Уставните измени да се случат за нашите сограѓани Македонци конечно да се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво“

„Уставните измени треба да се случат – како што се случи со Преспанскиот договор, така треба да се случи и со Договорот за добрососедство. Вклучувањето на заедниците, Бугарите, Црногорците и другите да бидат уставна категорија, со што конечно ќе се затвори едно историско поглавје за нашите сограѓани Македонци и конечно ќе се легитимираат како нација и култура на меѓународно ниво. И за ова ја имаат нашата најголема поддршка“, истакна лидерот на ДУИ – Али Ахмети, во неговото обраќање на денешното одбележување на 21-годишнината од основањето на Демократската унија за интеграција.

„Затвораме едно историско поглавје. Сме направиле историја, најновата историја на оваа држава“, рече Ахмети во обраќањето пред членовите на ДУИ, додавајќи дека во изминатите 21 година тие (ДУИ) не доживеале пораз, а на секое соочување биле уште поуспешни.

Навраќајќи се на конфликтот од 2001 година, Ахмети рече дека тој не бил за делење на власта, туку за единство, а дека во годините по него ДУИ работела на обединување на Албанците во земјата. Откако заврши спроведувањето на Охридскиот рамковен договор, рече Ахмети, тие се насочиле кон изградба на инфраструктурата, што, како што истакна, е многу важно за иднината на нашата земја и за регионот.

Денес, посебна мисија на ДУИ е членството во ЕУ, порача лидерот на „интегративците“.

„Македонија сега е земја на НАТО. Пред нас сега се поставува нова мисија или барање. За да го олесниме овој процес сме анализирале до детали која е најголемата потреба во оваа ситуација, што може да ѝ послужи на оваа земја“, рече Ахмети, посочувајќи на таканаречениот „Фронт за Европа“ и на серијата средби и консултации.

„Фронтот за Европа“, подвлече тој, е отворен за сите партии, без разлика дали тие се во власта или опозиција.

„Посебна мисија на ДУИ е членството на земјата во ЕУ, и тоа е една посебна услуга за граѓаните и тоа би било голем успех и достигнување за земјата и за ДУИ“, додаде Ахмети.

Прочитајте и:  Предлог-извештај на ЕК: Северна Македонија треба да го интензивира темпото на реформи и да ги комплетира уставните измени

Во говорот, тој апелираше и до ВМРО-ДПМНЕ „да рефлектираат и да ја согледаат“, како што рече, „грешката што ја направија во случајот со Преспанскиот договор“, и да се солидаризираат „кон легитимирање на нацијата и интегрирање на земјата во ЕУ“.

„Мислам дека ВМРО ДПМНЕ има толку капацитет, и програмски и кадровски, за да рефлектираат околу политичките случувања и околу геополитичките прашања кои се важни за државата и за регионот“, рече Ахмети.

Во обраќањето, тој го спомена и Коридорот 8.

„Коридорот 8 не е веќе сон, којшто 30 години беше во фиока. Веќе се почати работите за изградбата и за пет години ќе биде завршена и ќе чини од прилика две милијарди евра. Ова ќе биде од голема помош за европскиот просперитет на државата“, рече лидерот на ДУИ.

Исто така, Ахмети ја начна и темата за поделбите внатре во партијата. Побара да не се лутат 150.000-те илјади граѓани кои ја гласале ДУИ.

„Не се во право“, рече Ахмети за „Огнените“ фракционери. „Имам душевна болка. Со оваа фракција, тие се во акција, а не како фракција. Јас не сакам сопствените работи да се ставаат над заедничките. Секогаш се дебатирало внатре во ДУИ. Не ти ги решава проблемите комшијата, туку тие проблеми се решаваат дома“, заклучи тој.

Годишнината на ДУИ, покрај со обраќањето на Ахмети, беше одбележана и со панел дебата со наслов „Европски фронт“, на која зборуваа и поранешната министерка за одбрана – Радмила Шекеринска, аналитичарот и професор – Петар Арсовски, новинарот Газменд Ајдини, поранешната градоначалничка на Тетово – Теута Арифи, и други.

Извор: МИА

- Реклама -