Агелер за изборите: Најважно е да биде донесена вистинската одлука за придвижување кон ЕУ

Американската амбадорка во земјава Анџела Агелер вели дека најважно е на претстојните избори да биде донесена вистинската одлука за придвижување на државата напред кон Европската унија.

За планот на опозицијата за евроинтегративниот пат на државата, Агелер вели дека тој треба да биде споделен со граѓаните. Прашана дали ќе побара од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да го види тој план, Агелер вели дека таа со задоволство би го видела доколку тој сака тоа да го сподели.

– Но, мислам дека е далеку поважно за гласачите и народот на оваа земја да видат и слушнат за тој план и да ги слушнат деталите на секој план што би ги решил тековните проблеми со другите земји. Навистина се надевам дека гласачите во земјава бараат од сите кандидати многу јасно да разберат кои се нивните планови за иднината и како ќе ги спроведат, вели Агелер во интервју за телевизија 24.

Во однос на поделеноста во техничката Влада, американската амбасадорка вели дека било разочарувачки што ВМРО-ДПМНЕ не гласале за оваа Влада, но дека сепак поставиле свои кадри на соодветните места.

– Очекувам секоја влада да работи во полза на своите луѓе. И да,беше разочарувачки дека ВМРО-ДПМНЕ не гласаше за Владата, но сепак ставија свои министри на соодветните места, и заменици министри во други министерства, така што се надевам дека техничката Влада ќе продолжи да работи во најдобриот интерес на граѓаните на оваа земја и досега тие покажаа дека ќе го сторат тоа така што се надевам дека ќе продолжат, вели Агелер.

Прочитајте и:  Агелер: Честитки до Шекеринска и до премиерот Мицкоски и Владата што ја поддржаа нејзината кандидатура

Според неа, партнерството меѓу САД и земјава ќе продолжи и ако не се донесат уставните измени, иако, вели, ќе бидат разочарани.

– Нашето партертство е стратешко и не зависи од тоа. Дали ќе бидеме разочарани? Апсолутно. Но, партнерството што го имаме со Северна Македонија е нешто што трае уште од независноста на земјава и тоа ќе продолжи. Вие сте НАТО сојузник, а тоа не се менува, така што таа врска е силна и ви ветувам дека направивме се што е во нашата моќ, овде во Амбасадата на САД секој ден, да и помогнеме на земјава да ги исполни своите европски аспирации, вели Агелер во интервју за телевизија 24.

- Реклама -