Агелер сигурна дека „Бехтел“ работи по закон, разочарана што „опозицијата критикува само заради политички поени“

Американската амбасадорка Анџела Прајс Агелер, во интервју за МИА, изрази увереност дека процесот во кој е инволвирана „Бехтел“ (изградбата на коридорите) е целосно транспарентен и законски, бидејќи, како што рече, тоа е начинот на кој функционира оваа компанија а во спротивно не би имала проекти насекаде во светот, вклучително и неколку во регионот на Западен Балкан.

Од друга страна, Агелер изрази разочарување што „опозицијата, без да располага со сите факти и информации, го критикува проектот“. Според Агелер, опозицијата тоа го прави од политички причини, со цел да добие политички поени.

За разногласијата на власта и опозицијата за договорот со „Бехтел и Енка“, при што за власта тоа е договор на столетието, а за опозицијата – грабеж на столетието, но и за нејзиното лично присуство на свечениот настан, кое јавноста го прими како нејзина поддршка за проектот, Агелер истакна  дека таа како амбасадорка и Американската амбасада прават сѐ што е во нивна моќ за промоција на американските инвестиции во земјава. Тоа е во интерес не само за американските инвеститори и компании, туку е мошне поволно и за граѓаните на земјава, оцени амбасадорката.

Прочитајте и:  Агелер: Црната листа е многу динамична - постојано се разгледуваат имиња и едвај чекаме да додадеме нови

„Сметам дека мошне е разочарувачки тоа што тие во опозицијата критизираат без сите факти или критизираат нешто за што немаат информација. Тоа го прават едноставно само за да бидат против Владата; Да, тоа е работа на опозицијата, но истовремено сум целосно уверена дека процесот во кој е инволвиран ‘Бехтел’ е целосно транспарентен и законски, бидејќи тие работат на тој начин, инаку не би имале проекти насекаде во светот и одреден број тука во регионот на Западен Балкан, ако не беа доверлива компанија. И граѓаните на оваа земја ќе бидат мошне среќни да ги имаат коридорите 8 и 10д кога ќе бидат комплетирани. Разговорите мислам сѐ уште траат, но сметам дека е жално што има такви кои ќе застанат на патот едноставно за да заработат политички поени“, рече Агелер во интервјуто за МИА.

Извор/Фото/Видео: МИА

- Реклама -