„Едното нешто што ми помага да се изборам со нервозата кога сум на аеродром е сознанието дека аеродромите се големиот социјален изедначувач: генерално, не е важно кој си – богат, сиромашен, познат, нормален, сеедно – сепак мораш да се чекираш, да поминеш преку обезбедувањето, и да застанеш на лентата што ќе те однесе до портата. Безвезе е, и подеднакво е безвезе за сите“, пишува Кристен Ли за Jalopnik.
Но тоа веќе нема да важи за познатиот Интернационален аеродром на Лос Анџелес, попознат како LAX. Од неодамна, LAX има нов терминал, наречен Private Suite. Како што сугерира името, а и насловот, се работи за терминал наменет специјално за богатите и ВИП фаците.
На официјалниот сајт пишува вака:
„Типично се потребни 2200 чекори за да стигнете од кола до седиштето во авионот. За членовите на The Private Suite, тоа се 70 чекори… И сите тие се мирни чекори“.
Толку од еднаквоста на аеродромската мизерија за сите. Членовите (се плаќа членарина) на Private Suite не мораат да чекаат во преполните линии за да го поминат скринингот на обезбедувањето, бидејќи сега тоа ќе го прават на приватен терминал. Одвај да мораат да поодат. А нема ни папараци.
И така, додека обичниот смртник дреме во редот, членовите на Private Suite дремат во приватен апартман, со приватен тоалет и бања, со приватна кујна, со приватен кревет за спиење и сé друго приватно што нуди една луксузна хотелска соба.
А кога ќе дојде време за качување во авион, тие 70 чекори не ги поминуваат пешки. Чувај боже. Не, туку ги возат со BMW преку пистата, директно до авионот.
На секој гостин во Private Suite му се доделени 8 членови на персоналот. Првиот го носи гостинот безбедно до оградениот посебен влез на терминалот. Вториот го испраќа до неговиот апартман. Третиот и четвртиот се грижат за било какви специјални потреби и побарувања на гостинот. Петтиот го носи гостинот на приватен скрининг на пунктот на TSA (агенцијата што ги обезбедува аеродромите) и потоа го сместува во едно од BMW-ињата од седма серија. Шестиот е возачот, што го вози до авионот. Седмиот го пречекува на мостот и го испраќа до самата врата на авионот. Осмиот е „невидлив“ за гостинот (цитираме: unseen person) и се грижи за багажот. При слетување, целиот процес се одвива обратно.
Колку кошта вака да те тинтраат на LAX? Членарината е 7.500 долари, плус 2.700 долари за група од четворица кога летаат во рамките на САД, а 3.000 долари кога летаат надвор од границите.
Сето ова го потврди и новинарот на Los Angeles Times – Стив Лопез, кој неодамна го посети терминалот, колку за да го испроба и да ја напише сторијата. Во неа, тој изразува и оправдана загриженост: со оглед дека TSA е државна агенција и е платена од даноците на обичната раја, дали и луксузот на „приватните“ на LAX можеби се финансира од парите на граѓаните?
Гевин де Бекер – консултантот за безбедност на Private Suite, со кого разговарал Лопез, го тврди спротивното. Тој вели дека компанијата ја надоместува целата штета при користењето на персонал од Царината и TSA, и дека овие вработени ги користат само по потреба. Ефектот на Private Suite, според него, не само што не е на грбот на граѓаните, туку има и позитивен ефект. На пример, аеродромската полиција ќе интервенира во помалку препреки, кои инаку се јавуваат кога некој славен ќе се најде на аеродром. А земајќи го аеродромот како пожелна терористичка мета, големите групи луѓе ќе бидат побезбедни ако ВИП личностите се подалеку од нив. (Бидејќи, како што се покажа во досегашните терористички напади низ Европа и светот, терористите обично бираат познати фаци. Не.)
Како тоа ќе им ја смири нервозата на обичните којгишиша патници, не знаеме.