Администрацијата да работи 36 часа неделно, од кои по 8 часа од понеделник до четврток, а само 4 часа во петок. Односно, ако административците во петок почнуваат од 8 часот, веќе во на пладне ќе можат да си заминат дома.
Ова го предвидува Членот 55 новиот Предлог закон за административни службеници, изготвен од Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА), а кој на 17 септември е поставен на Единствениот национален електронски регистар за прописи на Република Северна Македонија (ЕНЕР), со што рокот за коментари/забелешки истекува за нецели 7 дена.
Според универзитетската професорка Ана Павловска Данева, никој не најавил менување на актуелниот закон и никој од Правниот факултет не бил вклучен во изготвување на новиот. Оттука, во изјава за „Канал 5“, таа оцени никогаш досега немало понетранспарентен процес на подготовка на ваков клучен закон кој опфаќа, како што посочува таа, огромна категорија на граѓани.
Од Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженија, пак, потврдуваат дека барале со закон да се скрати работното време, но не само во петок и не четири часа одеднаш, пренесува „Канал 5“.
Во изјава за „Телма“, министерот за информатичко општество и администрација – Јетон Шакири, вели дека целта на предложените законски решенија е да се трансформира администрацијата во „мала, ефикасна, задоволна, лесно достапна на граѓаните и сервисно ориентирана“. Тој потенцира дека подготвиле два закона за целосно да ја деполитизираат администрацијата и да воспостават систем на заслуги во процедурите за вработување.
Во описот на предлог-законот, пак, стои:
„Постојниот Закон за административни службеници воведе доста новини во однос на регулирањето на статусот и постапката за вработување на административните службеници. Законот воспостави нови стандарди во однос на управувањето со човечките ресурси во јавниот сектор. Но по петгодишна примена на законот на површина излегоа голем број на практични проблеми во имплементацијата, чие надминување е неопходно за доследно да се примени законот и да се постигне целта поради која е донесен. Министерството за информатичко општество и администрација имаше интенција да подготви измени и дополнувања на законот врз основа на практични забелешки од оние кои го применуваат законот, но со оглед на фактот дека од анализите и добиените забелешки произлезе дека треба да се менуваат повеќе од 1/3 од постојните членови се пристапи кон подготовка на целосно нов закон, во кој основата е веќе постојниот Закон за административни службеници“.
Во разговор со „Телма“, експерти велат дека предложениот закон е хипокризија:
„Доколку во нашиот систем економскиот сектор го финансира јавниот сектор, а тие работат 40 односно 42 часа, голема хипокризија е да јавниот сектор работи помалку односно 36 часа, односно во петок да работат до 12. Тие што го финансираат и алиментираат јавниот сектор за да живее да работат повеќе, а овие кои што живеат на нивната грбача да работат помалку. Сѐ додека администрацијата е во функција на политичката власт, тоа ќе биде на штета на остварување на прават на граѓаните пред таа јавна администрација“.
Како што посочува „Телма“, граѓаните исто така се шокирани. Тие и без тоа се жалат дека не можат да завршат работа по институциите и сметаат дека администрацијата треба да работи повеќе, односно и во сабота, а не до пладне во петок. Оние граѓани кои сметаат дека треба да се воведе 36-часовна работна седмица, пак, сметаат дека тоа треба да важи за сите, а не само за административците.
Предлогот за скратено работно време во петок, патем, е на ДУИ, и беше дел од нивната програма за парламентарните избори кои се одржаа минатата година, а истиот, меѓу другото, беше јавно презентиран и од „првиот премиер Албанец“ – Насер Зибери, на симболичната „владина седница“ пред зградата на Владата, во рамки на предизборната кампања.
По истекот на рокот за забелешки, предложениот закон ќе оди на одобрување од Владата, а потоа на усвојување пред пратениците.
Инаку, покрај што се скратува работното време, со новиот закон се менува и оценувањето на административните службеници – наместо со оценка од „1“ до „5“ и од „А“ до „Д“ како досега, административците ќе се оценуваат описно, односно со „особено се истакнува“, „се истакнува“, „задоволува“, „делумно задоволува“, „не задоволува“.
Како што посочи „САКАМДАКАЖАМ.мк“, административците кои ќе бидат годишно оценети со „особено се истакнува” или „се истакнува“, ќе бидат наградени со признание, до пет слободни денови, или со специјализирана обука/стручно усовршување во висина од една просечна плата.
На административците оценети со „делумно задоволува“ ќе им се изрекува опомена и ќе им биде определен ментор, а во случај на повторена опомена платата ќе им биде намалена за 5% во период од еден месец.