Доколку со пописот излезе дека Албанците се помалку од 20%, поранешниот министер за образование и актуелен пратеник на ДУИ – Арбр Адеми, нема да ги признае резултатите. Ваков категоричен одговор Адеми даде во дебатниот магазин „Клик плус“ на „ТВ21“, каде гостуваше заедно со пратеникот на коалицијата Алијанса за Албанците – Алтернатива – Халил Снопче.
Во еден дел од разговорот, Снопче го праша Адеми:
„Ако Албанците излезат 19%, дали ќе ги прифатиш резултатите од пописот?“
На тоа Адеми одговори со зборовите:
„19%?! Никогаш, никогаш!“
Својот став тој го аргументираше со податокот за запишани ученици во учебната година кога тој беше поставен за министер:
„Како министер за образование да споделам еден податок со вас: Бројот на учениците за учебната година 2017/18-та е 121.272 односно 64.22% Македонци, а 60.709 односно 32.15% Албанци“, истакна Адеми.
И пратеникот Снопче е убеден дека Албанците во Северна Македонија се над 29%:
„Доколку ги земеме податоците од 2002 година… ние можеме да имаме сомнежи, некому можеби нема да му одговара, некој можеби ќе каже дека сме 35-40%… но ако ги земеме податоците од 2002 година и ги анализираме статистички бројките на родени и починати од 2013 до 2019 година, јас ви гарантирам дека не се помалку од 29%, туку над 29%“, истакна тој.
Тој додаде и дека коалицијата Алијанса-Алтернатива нема доверба во Државниот завод за статистика околу спроведувањето на пописот, па ги повика ДУИ сериозно да се позанимаваат да нема никакви „сопки“ во институцијата.
Снопче дури изрази и сомнеж дека СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат договор да не се донесе законот за попис, направен зад грбот на Албанците, или со негови зборови – „додека ние Албанците спиеме“.