A шо бидна со водените кревети?

waterbedgallery[1]

Лудилото го достигна врвот во доцните 1980-ти, кога речиси секој четврти купен кревет во Америка беше воден кревет, но веќе некаде во 90-тите, индустријата се исуши и остави еден убав сон зад себе.

Па, што се случи? Беа најпопуларни во декадата на бумбокси и фармерки потопени во варикина, но патот до успехот го градеа уште од доцните 1960-ти. Некои извори велат дека водените кревети датираат уште од 3600-тата година пред нашата ера, кога Персијците полнеле душеци од козја кожа со вода затоплена на сонце. Во раните 1800-ти, Нил Арнот – шкотски доктор, креираше „хидростатичен кревет“ наменет за болничките пациенти со декубитус (рани од долго лежење). Во основа, овој „кревет“ претставувал топла бања прекриена со тенок слој од гума. Во 1853-тата, др. Вилијам Хупер, од Портсмут, патентирал терапевтски гумен душек што можел да се полни со вода. И овој бил наменет за болничките пациенти што страдале од слаба циркулација и декубитус. Во средината на 20-от век, писателот на научна фантастика – Роберт Хајнлајн, инспириран од месеците што ги поминал во болнички кревет заради туберкулоза, ги опишал водените кревети до детал, во три од неговите новели. Неговиве замислени кревети биле со цврста конструкција, температурата на водата можела да се контролира, а преку пумпи можела да се регулира и количината на водата во душекот. Исто така имале и делови за пијалоци и грицки/храна, што звучело многу удобно и корисно. Што ќе рече самиот Хајнлајн, тоа било обид да се „дизајнира совршениот болнички кревет од човек кој поминал премногу време лежејќи во еден таков“.

Иноваторот, пак, на модерниот воден кревет, бил студент на индустриски дизајн по име Чарлс Хал, кој во 1968-мата поднел прототип на воден кревет за целите на неговиот магистерски проект. Од една страна, сакал да си игра со стандардниот дизајн на мебелот, од друга – бил фасциниран од ентериери исполнети со флуиди. Првично експериментирал со други материјали – наполнил фотелја со 136 килограми пченкарен гел, но набрзо скапала. Потоа истото го пробал со желе, но со сличен резултат. Кога веќе ја вовел водата, успеал да ја оствари визијата, без оној „бљак“ факторот. Ги воодушевил и другите студенти, кои целото време го поминале седејќи и лежејќи на креветот, тотално игнорирајќи ги другите проекти.

Подоцна Хал ќе воспостави своја компанија и ќе почне да произведува и продава водени кревети низ Калифорнија. Му одело многу добро – меѓу клиентите имал и познати бендови и славни фаци. Сепак, успехот траел кратко, бидејќи набрзо се појавиле и многу други компании што го продавале истиот тип кревети.

Многумина ги асоцираат водените кревети со богатата класа, но всушност, во 70-тите, тие беа симбол на слободното контра-културно движење. Многу поверојатно е дека некој ќе ги купеше во комбинација со албум на The Doors, отколку со скапа покривка од фина свила. Се разбира, голема продажна улога имаше и сексот. „Две нешта се подобри на воден кревет. Едното од нив е спиењето“, вели една реклама од тоа време. Хипиците и хипи-ергените беа главна таргет група за креветот кој ветуваше „добро бранување“ со партнерката. Дури и самиот Хал се приклучи на таквата струја, продавајќи го својот модел „Остров на задоволствата“ во пакет со колор телевизор, затемнето светло и бар. Хју Хефнер беше уште еден голем фан.

До 80-тите, водените кревети преминаа во мејнстрим културата. Тие што страдаа од алергии ги сакаа заради душеците што не собираа прав, оние пак со проблеми со грбот ги сакаа заради чувството на слободно плутање. Згора на тоа, луѓето беа желни за модерен и забавен твист кај обичните досадни нешта, како што е еден обичен кревет. Производителите пак, ги правеа во сите видови и форми: љубовни гнезда, кружни кревети, со дрвени конструкции, па дури и водени кревети за кучиња. Плус воведоа и додатоци како „прегради“, кои го намалија бранувањето од кое добар дел од луѓето добиваа морска болест. До 1984-тата, бизнисот со водени кревети вредеше 2 милијарди долари, а во врвот на популарноста, во 1987-та, дури 22% од сите продадени кревети беа водени.

Но, проблемот со водените кревети е што се тешки за одржување. Да имаш воден кревет значеше да довлечкаш црево од градината во спалната, и да го наполниш душекот со стотици литри (добра за употреба) вода, со тоа воведувајќи ризик да си ја најдеш куќата поплавена. Водените кревети беа и многу, многу тешки. Конструкцијата што имаше улога да ја издржи сета таа тежина на водата, значеше дека ќе се искилавиш ако сакаш да го преместиш креветот. Кога душеците требаше да бидат „издишани“, потребна беше електрична пумпа и други сифонски трикови за да се спречи истекувањето на водата. Се разбира, секогаш постоеше и ризик од дупнување. Да, евентуалните дупки можеа да се залепат, но тоа чинеше дополнителни пари и нерви.

Во 90-тите стана јасно дека удобноста на водените кревети нема да може да преовлада преку сета грижа што беше потребна за нивно одржување. Во меѓувреме, конкурентите почнаа да произведуваат и иновативни душеци од други меки, флексибилни и прилагодливи материјали, без потребата да качиш црево од дворот до спалната на вториот кат, на пример.

Пазарот постои и денес, но на многу помало ниво. Моделите на душеци се полесни од оние од порано, а сега доаѓаат во пакет и со низа додатоци кои дополнително го намалуваат прекумерното бранување. Денешните водени душеци се мошне софистицирани и имаат цевки и резервоари во кои се полни водата, наместо во целиот душек, и го нема она чувство дека полниш џиновски балон. Се разбира, располагаат и со софистицирани направи за контрола на температурата, за разлика од поранешните греачи кои често знаеја да се расипат. Денес најмногу ги купуваат луѓето што живеат во студените региони, кои преферираат да легнат во топол кревет, наспроти студените зимски ноќи. Како што има луѓе што уште играат Sega Genesis или преферираат мобилен на затварање, наместо ајфон, така има и верни фанови на водените кревети. Сепак, нивниот број е далеку од реална шанса да ги врати во мода. Денес дури и самата импликација дека во нив има вода, им дава негативна конотација (од еколошки аспект), па некои производители ги нарекуваат „flotation“ („пловечки“) кревети. Некои од продавачите на мебел, пак, дури избегнуваат и да им кажат на купувачите дека купуваат воден кревет (до толку се софистицирани), бидејќи купувачите најчесто одбиваат да земат таков. Сума-сумарум, денес, еден од најголемите потрошувачи на водени кревети се американските сточари што чуваат крави, откако по реклами ги исполажаа дека „среќна крава дава подобро млеко“.

- Реклама -