
На првиот ден од расправата, на 20 ноември, биле разгледани и отфрлени околу 30 амандмани поднесени од опозициските партии. Предлог-буџетот за 2027 година има над 300 поднесени амандмани.
Најголем дел од разгледаните амандмани предвидувале зголемување на средствата за електронско следење на насилниците и систем за предупредување на жртвите, поддршка за меѓуетничките односи и правичната застапеност, како и модернизација на собранискиот канал. Меѓу предлозите биле и набавка на систем за џи-пи-ес следење на службените возила, поддршка за вработените во одбраната и за противпожарните служби, како и за долгорочно невработените лица.
Во Предлог-буџетот вкупните приходи се планирани на 395,4 милијарди денари, што е 5,7 отсто повеќе во споредба со 2026 година, а расходите на 440,4 милијарди денари, односно 4,8 отсто повеќе. Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, или 3,5 отсто од БДП, во согласност со фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година.
За капитални расходи се предвидени 40,8 милијарди денари, а даночните приходи се проектирани на 223,1 милијарди денари, што претставува раст од 6,4 проценти. За социјални трансфери се планирани 220,8 милијарди денари, зголемување од 4,1 проценти, од кои 123,8 милијарди денари за пензии, или раст од 4,8 проценти согласно законското усогласување.




