Го вадеа од игра за да стигне дома навреме. Неколку години подоцна стана шампион на Англија

23

Се сеќавате ли на сезоната кога Лестер ја освои Премиер лигата? Џејми Варди тогаш беше најдобриот стрелец на шампионот. Неколку години претходно, додека играше во осмата англиска лига, на некои гостувања мораше да излезе од игра по само еден час. Автомобилот го чекаше, а тој мораше да стигне дома навреме.

На 16 години, Шефилд Венсдеј го отпуштил од својата академија. Варди за малку ќе се откажел од фудбалот, но продолжил во Стоксбриџ Парк Стилс. Додека играл таму, работел и во погон каде што изработувал ортопедски помагала.

Реклама

Токму во тој период, по пресуда за напад, шест месеци носел електронска алка на глуждот и морал да биде дома до одреден час. Кога гостувањето било подалеку, планот, како што подоцна раскажа за Би-би-си, бил едноставен. Да се надева дека неговиот тим води, да побара замена по еден час и веднаш да влезе во автомобил.

Од Стоксбриџ, патот го одвел во Халифакс, па во Флитвуд. Таму постигнал 31 гол на 36 натпревари, а во 2012 година Лестер платил еден милион фунти за него. Варди тогаш имал 25 години.

На 28 ноември 2015 година, против Манчестер Јунајтед, Варди погоди на 11-ти натпревар по ред во Премиер лигата. Со тој гол го урна рекордот на Руд ван Нистелрој, човекот кој го постави носејќи го токму дресот на Јунајтед.

До крајот на сезоната, Варди постигна 24 лигашки гола. А Лестер, клубот што само една сезона претходно се бореше за опстанок, стана шампион на Англија.