
Дел од медиумите во Словенија и Македонија на 17 ноември објавија дека Кек е главен кандидат за селекторската позиција, а се споменуваше и можноста да има принципиелен договор со ФФМ.
„Немаше никаков контакт, не добив никаков повик од Македонија. Да имаше, моето семејство и претседателот Дамир Мишковиќ први ќе го дознаеја тоа. Не дојдов во Риека на три месеци. Имаме проблеми, но правиме сè за да ги решиме“, изјави Кек, како што пренесува „Нови лист“.
Кек се најде во центарот на вниманието по шпекулациите за смена на Седлоски, чија позиција е загрозена по шесте порази на Македонија во шест натпревари од групата Б1 во Лигата на нации. Македонската репрезентација натпреварувањето го заврши со гол-разлика 1:15.
Кек двапати ја водеше словенечката репрезентација. Во првиот мандат ја однесе на Светското првенство во 2010 година, а во вториот мандат се квалификуваше за Европското првенство во 2024 година.
Тој се врати на клупата на Риека во јуни 2026 година, откако претходно го водеше клубот од 2013 до 2018 година. Во првиот мандат со Риека ги освои првенството и Купот на Хрватска во 2017 година.







