Си било едно момче кое имало лош карактер.Поради тоа татко му му дал полна кеса шајки и му рекол: „Секогаш кога ќе побеснеш и ќе изгубиш контрола над себе заковај една шајка во оваа ограда“.
Првиот ден момчето заковало 37 шајки во оградата. Во текот на следните месеци тоа научило да го контролира бесот, така што бројот на заковани шајки се намалувал.
Открил со текот на времето дека полесно е да се контролира отколку да кова шајки во оградата. И така дошол денот кога не побеснел ниту еднаш. Му го кажал тоа на татко му, а тој му дал нова задача: „А сега секој ден кога ќе успееш да го контролираш бесот, извади од оградата по една шајка“.
Поминале месеци и години и еден ден момчето ги извадило сите шајки. Таткото го зел синот за рака, го одвел до оградата и му рекол: „Добро направи сине мој, но погледни ги сите дупки во оградата. Оградата повеќе нема да биде иста. Кога ќе кажеш во бес некои работи, тие оставаат белег како што се овие дупки во оградата. Можеш да му забодеш нож на човек, после тоа не е важно колку пати ќе кажеш дека ти е жал, раните остануваат“.