Сарајот Топкапи е една од најголемите градби во срцето на Истанбул. Оваа исклучително важна палата била седиште на Отоманската империја повеќе од 4 века, а денес претставува еден од најпосетените музеи во „Главниот град на светот“.
Палатата Топкапи се наоѓа помеѓу Мраморно Море и Златниот Рог, недалеку од Света Софија. Овој објект бил седиште на Османлиските султани и административен центар на Отоманската империја во периодот од 1456 до 1853 година, кога султанот Абдул Меџид решил да го подигне Долмабахче Сарај и таму да го пресели целиот државен апарат.
Топкапи Сарај е подигнат во средината на 15-ти век, по наредба на султанот Мехмед II „Освојувачот“. Градбата била направена врз старо византиско утврдување, а дел од камените столбови, како и кадата во која се крштевале византиските цареви се сѐ уште зачувани и претставуваат дел од културното наследство, кое е под заштита на УНЕСКО од 1985 година.
Топкапи во превод значи: „Дворец на топовските врати“, а ова име се должи на фактот што местото на кое е подигнат било исклучително важна стратешка точка во битката за Константинопол, бидејќи е опколено со водени површини од три страни. Веднаш по падот на главниот град на Византија и нивниот главен одбранбен дворец, започнал да се гради нов, османлиски дворец, кој стои на истото место до ден денешен.
Најзначајни и најпосетени делови од денешниот музеј Топкапи се Султанскиот совет, Харемот и Кулата на праведноста, чиј светилник се гледа надалеку и претставува симбол за „вечната будност на царштината“. Интересно е што во овој музеј се чува и мечот на исламскиот пророк Мухамед, којшто претставува многу важен артефакт за сите Муслимани.
Текстот е објавен во соработка со Iguana.mk