Се ближи декември, месецот во кој светот влегува во шопинг-лудило. Токму тогаш, продавниците се служат со најмногу маркетинг трикови за да ве намамат. Ако ги препознаете, лесно можете и да се справите со нив.
Се ближи декември, месецот во кој светот влегува во шопинг-лудило. Токму тогаш, продавниците се служат со најмногу маркетинг трикови за да ве намамат. Ако ги препознаете, лесно можете и да се справите со нив.
Попуст: Еден месец пред да започне сезоната на масовно трошење, продавниците ги пумпаат цените. Штом ќе започне сезоната, ставаат знак на кој пишува попуст со додаден процент, кој ја спушта цената до реалната вредност на производот.
– Никогаш не купувајте нешто само затоа што е на попуст. Сосема е можно сличен или дури и ист производ во следната продавница, без попуст, да биде поевтин отколку онаму каде што сте го виделе „со намаление“.
Добра зделка: Секогаш кога некој производ не се продава (пр. електричен апарат, кујна, автомобил), продавниците имаат обичај да „донесат“ делукс модел од истиот производ, со цена барем за 50% повисока. Кога потрошувачите ќе го видат тоа, „основниот модел“ им се чини како најдобрата зделка на која можеле да налетаат.
– Никогаш не купувајте импулсивно. Споредете исти производи од други продавници; оценете го производот сам по себе, не во релација со делукс моделот; проценете дали навистина вреди за тие пари, но сам по себе, не компаративно!
Опколување со вредни нешта на нешто безвредно: По асоцијација, купувачот заклучува дека производот е вреден, затоа што се наоѓа опколен од вредни нешта. Во 1973 година, Салвадор Асел на светот му ги претстави црните бисери. Откако никој не ги купувал, тој ги однел во продавница за накит на еден свој пријател, ставил цена која била надвор од умот и ставил реклами во весници, во кои на сликата покрај црните бисери стојат дијаманти, рубини и златни ланчиња. За кусо време, црните бисери станале скапоцени.
– 2 производи направени од истиот материјал, со одлична изработка, можат да имаат разлика во цената од илјадници денари. Она што поскапиот го прави толку поскап е произволната проценка на производителот или продавачот. Затоа, добро размислете дали она што го купувате навистина вреди или само сте заслепени од цената.
Ново и подобрено: На универзитетот MIT тестирале нов производен процес за пивото Бадвајзер. Во еден казан имало обично пиво, а во другиот, во пивото биле додадени неколку капки оцет на литар пиво. Кога ги пробале пивата, речиси сите студенти се одлучиле за она со оцет. Но, откако им кажале зошто е тоа „ново и подобрено“, сите се вратиле на обичното пиво.
– Потполно игнорирајте ги етикетите како: подобрено, премиум, добитник на награда, про и сл. Немаат апсолутно никаква фактичка тежина. Може да се работи за ново пакување или само неколку капки оцет повеќе.
Скапите нешта функционираат подобро: Во еден експеримент во болница во Америка, жена облечена како докторка, со руски акцент, им понудила на група пациенти да тестираат ублажувач на болка кој е револуционерен, делува за 10 минути и ја држи болката на страна повеќе од осум часа. Откако се напиле од лекот, им соопштила дека една доза чини 2,5 долари. Речиси сите пациенти пријавиле дека болката исчезнала за неколку минути. Во следната фаза на експериментот, на друга група пациенти, откако се напиле, им било кажано дека една доза е 10 центи. Едвај половина од нив пријавиле намалување на болката. Впрочем, и кај нас, со години е позната изреката „квалитетот се плаќа“.
Ако споредите, ќе видите дека поевтини модели од истите скапи производи функционираат подеднакво добро. Понекогаш, скапиот производ е само евтин производ со напумпана цена со цел брз профит. Затоа, отворете ги очите и не одете под претпоставката дека ако платите ужасно многу, тоа што сте го купиле ќе функционира беспрекорно.