Најновите пресметки направени според последните податоци примени од вселенската сонда „Касини“ што орбитира околу гасниот џин Сатурн, покажале дека веројатноста да постои скриен океан на сатурновата месечина Титан е огромна. Тоа го прави ова небесно тело најпогодно за развој на живот, онаков каков што го познаваме на Земјата.
Земајќи ги предвид сите параметри од орбитата на Титан околу Сатурн, научниците од НАСА заклучиле дека тие се некарактеристични за вселенско тело коешто во целост е составено од цврста материја, т.е. е карпесто. Според тоа, единствениот логичен заклучок којшто произлегува од законите на физиката е дека Титан мора да има дебела обвивка од мраз под која се крие и океан (најверојатно од вода).
Од досегашните информации собрани за најголемата од шеесетината месечини што орбитираат околу Сатурн, познато е дека на површината на Титан постојат реки и езера во густата азотна атмосфера, во којашто воопшто не е мал бројот на органски молекули. Но, поради оддалеченоста од Сонцето, температурата на површината е -179 степени, па така, дождовите, реките и езерата се составени од течен метан.
Според новите податоци, било пресметано дека со голема веројатност, површината на Титан е обвивка од мраз, дебела помеѓу 150 и 200 километри, а под неа, сѐ до карпестото јадро, се наоѓа течен океан со длабочина помеѓу 5 и 425 километри.
Новото откритие ја става месечината Титан на првото место како најверојатен кандидат во сончевиот систем за развој на живот, онаков каков што го познаваме на Земјата. Органските молекули во атмосферата и водата под површината речиси сигурно ќе се покажат како добитна комбинација. Сепак, потребни се дополнителни истражувања пред да може со сигурност да се каже дека и на друго место во нашиот сончев систем се развил живот, макар и микроскопски. [All Signs Point to Hidden Ocean on Saturn Moon Titan]