
Комисијата за спречување и заштита од дискриминација предупреди дека бракот и традиционалните вредности не се оправдување за контрола или насилство врз жените. Таа повика на одговорност во јавната комуникација и спротивставување на родовите стереотипи.
Комисијата предупреди дека повторувањето на ваквите ставови во јавниот, медиумскиот и дигиталниот простор може да придонесе за нормализирање на дискриминаторски практики и одржување на нееднакви односи на моќ.
Од Комисијата ги повикаа јавните личности, носителите на јавни функции, медиумите и другите учесници во јавната комуникација да се спротивстават на сексизмот, мизогинијата и оправдувањето или релативизирањето на родово заснованото насилство.
Таа посочи и дека слободата на изразување не е апсолутна: кога изразувањето поврзано со полот или родот го повредува достоинството и создава понижувачка, непријателска или навредлива средина, може да се постави прашање за вознемирување согласно Законот за спречување и заштита од дискриминација.



