Челзи е новиот шампион во Лига Европа!

Со гол на Ивановиќ во последните моменти од натпреварот, Челзи со 2-1 ја победи Бенфика и го освои трофејот во Лига Европа.

Челзи ја освои Лига Европа, Сините во натпревар со драматичен финиш ја победија Бенфика со 2-1 и дојдоа до нов европски трофеј.

Ново големо разочарување за Бенфика, на Црвените од Лисабон им се случи реприза од викенд натпреварот против Порто, пораз во последните моменти од натпреварот.

Бенфика одигра одличен натпревар, доминираа во поголем дел од дуелот, но судбината повторно е немилосрдна кон нив.

По трофејот од Лигата на Шампионите, Челзи стигнува до трофеј во Лига Европа, позитивен крај на работата на Рафа Бенитез на Стемфорд Бриџ.

Бенфика одлично го започна натпреварот, офанзивно уште од првата минута, создадоа неколку шанси, но не успеаа да упатат посериозен удар во рамките од голот на Петр Чех во првото полувреме.

Челзи најсериозната шанса во првиот дел ја имаше преку Лампард, капитенот на сините биеше силно, Артур одлично интервенираше.

Бенфика офанзивно започна и во второто полувреме, и прва постигна гол, Кардозо погоди со глава, но погодокот беше поништен поради офсајд.

Се чини дека ситуацијата беше регуларна, Бенфика беше сериозно оштетена.

Во 60. минута мат во три потега, Чех дегажира, топката дојде до Мата кој асистираше до Торес, Шпанецот го помина Артур и ја погоди празната мрежа за водство на Челзи од 1-0.

Само осум минути подоцна резултатот беше изедначен, Азпиликуета играше со рака во сопствениот шеснаесетник, судијата покажа на белата точка.

Оскар Кардозо беше прецизен од пенал за израмнување на 1-1.

Кардозо имаше убав шут од далечина, Чех со крајни напори успеа да спречи комплетен пресврт.

Во 88. минута Френк Лампард имаше фантастичен удар од далечина, топката ја погоди пречката од голот на Артур.

И кога се чинеше дека натпреварот ќе замине во продолженија, Мата изведе корнер, Ивановиќ биеше прекрасно со глава, погоди и му го донесе големиот трофеј на Челзи.

Историски успех за Челзи, Сините ги обединија двете титули.

Бенфика беше на прагот на фантастична сезона, таа завршува со тажен крај за португалскиот клуб.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал

- Реклама -