Победи за Челзи, Бенфика и Фенербахче

Челзи, Бенфика и Фенербахче се на добар пат за пласман во полу-финалето од Лига Европа по вечерашните победи над Рубин Казан, Њукасл односно Лацио.

Фернандо Торес прикажа импресивна партија во победата од 3-1 на Челзи над Рубин Казан.

Напаѓачот одлично се снајде во 16. минута и по долгата топка на Давид Луиз, ги донесе ’Сините’ во водство од 1-0.

Мосес со убав волеј од работ на шеснаестникот биеше неодбранливо за предност на домаќините од 2-0 во 32. минута.

Гостите во финишот на првиот дел стигнаа до важен гол во гости, преку Начо, кој прецизно го реализираше ударот од 11 метри по досудениот пенал за играњето со рака на Џон Тери.

Сепак, Челзи одново успеа да стигне до два гола предност во 70. минута. Мата нафрли од левата страна, Торес беше највисок во скокот и со глава одного го совлада голманот на гостите.

Со ист резултат заврши и средбата помеѓу Бенфика и Њукасл.

Гостите одлично го започнаа натпреварот и поведоа со голот на Сисе во 12. минута.

Сепак, домаќините успеаа за кратко време да се опорават од шокот, и израмнија преку Родриго во 25. минута.

Лима во 65. минута ја донесе Бенфика во предност од 2-1, а пет минути подоцна, Кардозо од пенал ги постави конечните 3-1.

Фенербахче се намачи во дуелот со Лацио и покрај тоа што домаќините цело второ полувреме го одиграа со играч повеќе откако Онази во 47. минута беше исклучен.

Отпорот на гостите беше скршен во 78. минута, кога Вебо прецизно биеше од белата точка.

Солидна предност од 2-0 за Фенербахче во пресрет на реваншот во Рим обезбеди Кајт со гол во првата минута од судиското надополнување.

На последниот вечерашен натпревар, Тотенхем и Базел одиграа возбудлив дул со четири погодоци.

Гостите важеа за аутсајдер, но со погодоците на Стокер во 30. минута и Фреи во 34. минута стигнаа до изненадувачко водство од 0-2.

До крајот на првиот дел Адебајор намали на 1-2, а по еден часа игра Сигурдсон изедначи на 2-2.

Текстот е објавен во соработка со 24Фудбал.

- Реклама -