Земјоделството се сели во затворени простории, каде што сонцето никогаш не свети, каде што дождовите не се важни и каде што климата е секогаш совршена. Совршеното поле би можело да биде во просторија без прозорци со внимателно контролирана светлина, температури, влажност и квалитет на воздухот и хранливите материи.
Ваквото поле би можело да биде сместено во облакодер во Њујорк или во бункер во Сибир, или во комплекс сместен сред саудиската пустина. Подржувачите велат дека ова, или нешто многу слично, би можело да биде решение за недостатокот на храна во светот. „За да одржиме планета на која ќе може да се живее, мораме да ги промениме нашите методи“ вели Гертјан Меувс од PlantLab, приватна истражувачка компанија.
Светот уште сега има проблеми со произведување доволно храна. Половина од луѓето на Земјата живеат во градови, и речиси половина од нив, околу 3 милијарди, гладуваат или имаат субстандардна исхрана. Цените на храната, кој моментално растат со голема брзина, се напумпани поради суши, поплави и цената на енергијата потребна за засадување, одгледување, жнеење и транспорт на храната.
Цените ќе стануваат сè понестабилни. Климатските промени ги прават долгорочните планови за жетви несигурни. Земјоделците во многу делови од светот веќе ја користат сета расположлива вода. А населението на земјата продолжува да расте: до средината на овој век глобалното население ќе порасне од 6,8 милијарди на 9 милијарди според проценките на ООН.
За прехранување на толку многу луѓе би било потребно проширување на обработливото земјиште на штета на шумите или друг начин за радикално зголемување на жетвите. Меувс и уште тројца холандски биоинженери го надградиле концептот на стакленик, одгледувајќи зеленчуци, цвеќиња и лековите растенија во затворени и регулирани средини изолирани дури и од природната светлина.
Во нивната истражувачка станица, јагоди, пиперки, босилек, и банани растат под розевиот сјај на црвени и сини светилки од LED диоди. Растенијата добиваат вода кога таа им е потребна, без непотребно трошење, додека температурата е постојано регулирана. Светлата се вклучуваат и исклучуваат, симулирајќи ден и ноќ, но следејќи го ритамот на растенијата – што би можело да биде подобро во интервали покуси од 24 часа. [Future farm: a sunless, rainless room indoors]