Луѓето отсекогаш биле фасцинирани од начинот на кој големите птици навидум без напор се движат низ воздухот. Сега научници создале робот кој не само што совршено го имитира летот на птиците туку би можел и да биде помешан со вистинска птица.
Револуционерниот дизајн на SmartBird му дозволува на роботот автономно да полетува, да лета и да слетува. Неговите крила не се движат само горе долу, туку и се виткаат во специфични агли кои на ултра лесниот робот му даваат „одлични аеродинамички особини и екстремна подвижност“. Роботот се контролира преку радио предавател, но може и едноставно да лебди наоколу без никакви упатства од луѓе.
SmartBird, кој тежи само 450 грама, врти со движење на опашката и вртење на главата на лево или десно. Научниците од фирмата Фесто велат дека движењата на крилата се постигнати со две тркала кои ротираат во телото на роботот. Слично како кај парните локомотиви, тркалата се поврзани со прачки кои го создаваат движењето на крилата. Аголот на крилата се постигнува со „торзиони мотори“.
{youtube}nnR8fDW3Ilo{/youtube}
Претставник на Фесто изјавил: „Минималната употреба на материјали и екстремно лесната конструкција ја отвараат вратата за ефикасно користење на ресурси и потрошувачка на енергија.“ Иако е импресивна од технолошка гледна точка, SmartBird зачудува со својата сличност со вистински птици. Гледајќи од земја лесно може да се помеша со вистинска птица поради реалистичните движења. Но одблизу, секако, очигледно е дека се работи за робот.