Братот на Мохамед Али изјавил дека легендарниот американски боксер е на смртна постела. Од друга страна, ќерката на Али ги демантира овие информации и тврди дека нејзиниот татко е добро, објави „Associated Press“.
Рахман Али во интервју за британскиот весник „The Sun“ изјавил дека неговиот брат, кој страда од Паркинсонова болест, е во многу лоша здравствена состојба.
„Можеби има уште неколку месеци, а можеби и само неколку денови. Но, како и да е незнам дали ќе го доживее крајот на летото“, изјавил неговиот брат.
Рахман Али раскажал дека последен пат го видел својот брат во јуни минатата година во Лондон, кога Мохамед учествуваше на церемонијата за отворање на Олимписките игри. Тогаш легендарниот спортист изгледаше многу ослабен, а во одењето му помагаше неговата сопруга. По Олимпијадата двајцата браќа контактирале само телефонски.
Ќерката на Али, пак, во интервју за „Associated Press“ ги демантира овие наводи и тврди дека пред само еден ден зборувала со татко ѝ и дека тој бил добро.
„Не е точно дека тој умира“, рекла таа.