Даниел Георгиевски меѓу желбите на Мурињо!?

Од Романија пристигнува навидум неверојатна информација – дека македонскиот репрезентативец Даниел Георгиевски бил близу до трансфер во Реал Мадрид, но и дека се паднало во вода со неговата тешка повреда поради која што веќе неколку месеци отсуствува од фудбалските терени. Веб-страницата „Проспорт“ обелодени дека токму Жозе Мурињо бил иницијатор на целата акција, откако бил воодушевен од играта на македонскиот репрезентативец на квалификацискиот дуел со Хрватска.

Веднаш потоа скаути на „кралскиот клуб“ следеле неколку натпревари на Стеауа, а иако романските медиуми шпекулирале дека тие се во Букурешт за дефанзивецот Кирикеш, неодамна беше обелоденето дека токму Георгиевски бил фудбалерот што Мурињо сакал да го доведе на „Сантијаго Бернабеу“.

Ниската цена на македонскиот ас била причина „кралевите“ да притискаат трансферот да биде реализиран веќе во јануари, но се паднало во вода по тешката повреда поради која што македонскиот репрезентативец веќе неколку месеци е надвор од терените.

Дека во оваа приказна има и голема доза на вистина говори и фактот дека и самиот Георгиевски бил свесен за интересот на најтрофејниот европски клуб за неговите услуги.

– За мене е огромна чест што луѓето од Реал Мадрид го знаат моето име и ги следат настапите. Нормално дека би сакал да играм за „кралевите“, тоа е сон за секој фудбалер – изјави Георгиевски за ПроТВ.

Македонскиот репрезентативец би требало кон крајот на февруари да се врати на терените и сигурно ќе ја заврши сезонава во дресот на Стеауа, тим со кој што е на добар пат да ја освои титулата во романскиот шампионат. Добрите игри во домашното првенство, но и во Лигата на Европа, се одлична препорака за него кај уште поголемите европски клубови, па јасно е дека доколку продолжи да напредува во ист ритам, само прашање на време е кога Георгиевски ќе направи топ-трансфер во една од најквалитетните лиги на Европа.

- Реклама -