Робин ван Перси го постигна победничкиот гол за Манчестер Јунајтед против Вест Хем, уште еднаш покажувајќи дека е суперзасилување за тимот на Алекс Фергусон во обидот да се врати на тронот на англискиот фудбал.
Во ситуација кога Вејн Руни е далеку од посакуваната форма, а Дени Велбек не ги повторува игрите од лани, Ферги мора да биде презадоволен од својот избор минатото лето да го доведе Ван Перси, којшто погодува секогаш кога тоа е најпотребно.
Имено, педантните англиски статистичари пресметаа дека Холанѓанецот досега има постигнато девет гола и четири асистенции, со кои што придонел за вкупно 17 бода на својот тим. Jунајтед моментно е првопласиран на табелата во Премиер лигата, но без помошта на своето суперзасилување „Ѓавопите“ би паднале на очајното 13. место.
Ван Перси со своите голови и асистенции придонесе Јунајтед да слави на домашен терен над Арсенал, Фулам и Вест хем (мечеви што инаку би завршиле нерешено), како и на мечот со Саутемптон, што „Ѓаволите“ ќе го загубеа да не беа головите на Холанѓанецот во самиот финиш. Ако на ова се додаде и придонесот на искусниот голгетер на дерби дуелите со Челзи и со Ливерпул, јасно е зошто токму овој фудбалер е убедливо најголемото засилување во Премиер лигата за оваа сезона.
Од останатите статистички анализи, интересно е да се спомене дека Ливерпул би бил претпоследен на табелата доколку во своите редови го нема Луис Суарез. Уругваецот досега има постигнато десет гола, надополнети со две асистенции, со што им помогнал на „Црвените“ да избегнат пораз на шест натпревари.
Ливерпул моментно е пласиран на 12. место на табелата, но ќе паднеше на очајната 19. позиција доколку Суарез не ја презеде целосно врз себе одговорноста кога станува збор за тресење на противничките мрежи.