Терминот „brain rot“, што може да се преведе како „мозочен гнилеж“, беше избран за збор на годината на Оксфорд по јавното гласање во кое учествуваа повеќе од 37.000 луѓе и го опишува ефектот на бескрајното прелистување, „скролувањето“ на социјалните мрежи и содржина што го затапува умот.
Повеќе од 37.000 луѓе гласаа за да помогнат во изборот на победникот од потесната листа од шест зборови предложени од Oxford University Press, издавач на „Oxford English Dictionary“.
Целта на годишната награда е да ги посочи расположенијата и трендовите на годината.
„Мозочната гнилеж“ се дефинира како „веројатно влошување на менталната или интелектуалната состојба на една личност, особено кога се набљудува како резултат на прекумерно консумирање одреден материјал (денес особено онлајн содржина) што се смета за тривијален или непредизвикувачки“.
Oxford University Press појасни дека терминот „доби нов призвук во 2024 година како термин што се користи за изразување загриженост за влијанието на консумирањето прекумерни количества неквалитетна онлајн содржина, особено преку социјалните медиуми“.
Иако денес добива на важност, терминот првпат е забележан во книгата „Walden“ од Хенри Дејвид Торо од 1854 година.
„Мозочната гнилеж укажува на една од согледаните опасности од виртуелниот живот и начинот на кој го поминуваме слободното време. Се чини како вистинско претстојно поглавје во културолошкиот разговор за човештвото и технологијата. Не е изненадување фактот што толку многу гласачи го прифатија овој термин, поддржувајќи го како наш избор за оваа година. Фасцинантно е и тоа што терминот ‘мозочна гнилеж’ го усвоија и генерацијата Зет и генерацијата Алфа, група млади луѓе којашто во голема мера е одговорна за употребата и создавањето на дигиталната содржина на која се однесува терминот“, вели Каспер Гратвол, претседател на Oxford Languages.
Меѓу петте преостанати зборови во потесниот избор беа „demure“ (скромно, воздржано), кој се наметнал по трендот на социјалните мрежи ова лето, а се однесува на воздржано или одговорно однесување, потоа „dynamic pricing“ (динамично одредување на цените), каде што цената на производот или услугата варира за да ја одразуваат побарувачката, зборот „lore“ (познание), збир од факти или информации за одредена тема или знаења на одредена група што обично се пренесуваат од човек на човек со усно предавање, „romantasy“ (романтазија) нов книжевен феномен – хибриден поджанр помеѓу романтичните и фантастични романи, и на крајот зборот „slop“, неквалитетна онлајн содржина генерирана со помош на вештачка интелигенција.
За потесниот избор одлучувал четиричлен совет од стручњаци, со кој претседавала лексикографката Сјузи Дент, најпозната по нејзините настапи на „Countdown“ (Одбројување) на Channel 4. При изборот на победникот, Oxford University Press го зел предвид јавното гласање, како и јавните коментари и други анализи пред да биде објавена конечната одлука во недела навечер.
Меѓу неодамнешните добитници на Оксфордската награда е зборот „rizz“, скратено од харизма, кој ја однесе титулата минатата година. „Goblin mode“ беше зборот во 2022 година, а „vax“ беше победник за 2021 година од периодот на пандемијата.