Познатиот грчки кошаркар и селектор на репрезентацијата, 42-годишниот Василис Спанулис, потпишал двегодишен договор со Монако, соопшти во вторникот клубот од Кнежевството.
Спанулис го наследи Србинот Саша Обрадовиќ, кој доби отказ на 17 ноември, по првенствениот пораз од Ле Ман. Грчкиот стручњак во среда би требало да пристигне во Монако придружуван од помошникот Илиас Канзурис.
Спанулис покрај работата во Монако ќе продолжи да ја води грчката репрезентација до крајот на сезоната.
За време на неговата играчка кариера го доби прекарот „Kill Bill“ бидејќи често постигнуваше одлучувачки кошеви. Трипати беше победник на Евролигата (еднаш со Панатинаикос и двапати со Олимпијакос) и секој пат ја освојуваше наградата за најкорисен играч (МВП) на фајнлфорот. Како играч со грчката репрезентација беше европски првак (2005) и светски вицешампион (2006).
По играчката кариера веднаш се зафати со тренерска работа. Од 2022 до 2024 година беше тренер на Перистери од Атина, со кого минатата сезона стигна до фајналфорот на Лигата на шампионите на ФИБА, натпреварување во кое беше прогласен за најдобар тренер, беше финалист на Купот на Грција и заврши на третото место во домашното првенство. Годинава, по 16 години отстуство, ја однесе грчката репрезентација на Олимписките игри. Грците олимпиското патешествие во Париз го завршија во четвртфиналето.
Монако во моментов го зазема многу доброто шесто место во Евролигата по 11 одиграни натпревари, но е на скромното седмо место во францускиот шампионат по девет одиграни кола.