Фудбалерите на Холандија ја совладаа Унгарија со 4:0 во Амстердам во петтото коло од групата 3 во елитната Лига на нациите, обезбедувајќи си пласман во четвртфиналето.
Холандија беше подобра во текот на целиот натпревар, а по првото полувреме имаше предност од 2:0. Двата воведни гола ги постигнаа Холанѓаните со удари од белата точка, најпрвин Вегхорст во 21. минута, а потоа и Гакпо во судиското надополнување. Во преостанатиот дел од натпреварот, Дамфрис во 64. минута со одлично изведен волеј зголеми на 3:0, додека Купмајнерс заврши се во 89. минута кога постигна гол со глава за 4:0.
На почетокот од овој натпревар, во осмата минута, во близина на унгарската клупа се случија несакани сцени. Му се слоши Адам Шалаи, до неодамна унгарски играч а сега член на стручниот штаб на Унгарија. Некои медиуми објавија дека тој бил реанимиран на стадионот, и дека неговата состојба во моментов е стабилна. Во тој момент не се знаеше дали мечот ќе продолжи по прекинот, но Унгарците решија да доиграат. Веднаш потоа, беше досуден првиот пенал по ВАР проверка беше досуден пенал за ситуација во шеснаесетникот на Унгарија чиј одбранбен играч по изведен корнер несакајќи играше.
Во истата група Германија во Фрајбург како домаќин целосно ја надигра Босна и Херцеговина и победи со 7:0. Со ова Германија го обезбеди првото место, а веќе беше безбедна за четврт-финалето. Кај Германците по два гола постигнаа Клајндиенст и Вирц, а по еден Мусиала, Хаверц и Сане.
Турските фудбалери оваа сабота не обезбедија пласман во Лигата А од Лигата на нации откако на домашен терен во Кајсери одиграа 0:0 против Велс. Иако немаше голови, ритамот на мечот беше одличен, а Турција пропушти бројни можности да оствари победа и да обезбеди премин во елитната лига, но и Велс создаде неколку изгледни прилики. Најубавата шанса за славје ја имаа Турците во 89. минута, кога Актуркоглу ја смести топката на белата точка, но го промаши голот.
Турција сѐ уште има два бода предност пред Велшаните на врвот на табелата, иако ситуацијата може да се сврти во последното коло. Тогаш Турција ќе гостува во Црна Гора, додека Велс на домашен терен игра против Исланд.
Во оваа група во Никшиќ играа Црна Гора и Исланд. Гостите победија со 2:0, а Исланѓаните ги постигнаа головите во завршниот дел од мечот. Прво Оскарсон во 74. минута, па Јоханесон во 88. минута.
Црна Гора и по петтото коло има нула бодови, а во комбинација со претходните пријателски натпревари ова за Црногорците беше седми пораз во низа. Во исто време, Црна Гора дефинитивно падна во Лигата Ц.
Во групата 1 од Лигата Б, Грузија и Украина ремизираа 1:1, додека Албанија и Чешка ги поделија бодовите во меч без голови. Во оваа група сѐ уште е доста комплицирана ситуацијата со пласманот. Чешка има осум бодови, Грузија и Албанија по седум, а Украина има пет.
Враќањето во Лигата Б обезбедија фудбалерите на Шведска кои пред своите навивачи ја совладаа Словачка со 2:1 во директен дуел за врвот на табелата. Швеѓаните поведоа со голот на Ѓокерес веќе во третата минута, но Словачка израмни со голот на Ханк во 19. минута. Пласманот во повисокиот ранг на Швеѓаните им го обезбеди Исак со гол на самиот старт од вториот дел.
Со голот на Постолачи во 92. минута, Молдавија победи против Андора со 1:0 и со тоа обезбеди влез во Лигата Ц следната сезона.