Мал сателит тежок само 900 грама, направен од научници во Јапонија, отиде во вселената во мисијата SpaceX и ќе биде лансиран во орбитата над Земјата.
Наречен LignoSat, според латинскиот збор за дрво, неговите панели се направени од еден вид дрво од магнолија, користејќи традиционална техника без завртки или лепак.
Истражувачите од Универзитетот во Кјото кои го создадоа се надеваат дека во иднина можеби ќе биде можно да се заменат некои метали што се користат во истражувањето на вселената со дрво.
„Дрвото е поиздржливо во вселената отколку на Земјата, бидејќи нема вода или кислород за да изгние или да се запали“, изјави за Ројтерс професорот по шумарство од Универзитетот во Кјото, Који Мурата.
„Авионите на почетокот на 20 век биле направени од дрво“, забележува професор Мурата. „Затоа и дрвен сателит треба да биде употреблив.“
Доколку еден ден би можеле да се засадат дрвја на Месечината или на Марс, дрвото исто така би можело да обезбеди материјал за идните вселенски колонии, се надеваат истражувачите.
Заедно со дрвените панели, LignoSat има и традиционални алуминиумски конструкции и електронски компоненти. Има вградени сензори кои ќе следат како неговото дрво реагира на екстремната средина на вселената во текот на шесте месеци кога ќе орбитира околу Земјата.
Д-р Симеон Барбер, научник за вселенски истражувања на Отворениот универзитет во ОК, истакнува дека: „Мораме да имаме на ум дека ова не е сателит направен целосно од дрво… но основната премиса зад идејата е навистина интересна“.
„Од гледна точка на одржливост, дрвото е материјал што може да се одгледува и затоа е обновлив“, изјави тој за Би-Би-Си.
„Идејата дека можете да одгледувате дрво на друга планета за да можете да ja истражувате вселената или да направите засолништа – истражувачите секогаш користеле дрво за да направат засолништа кога откривале нови земји.#
Д-р Барбер рече дека тоа не е првпат дрво да се користи во вселенски бродови.
„Ние користиме дрво – плута – за надворешната обвивка на вселенските летала за да им помогнеме да го преживеат повторното влегување во атмосферата на Земјата“.
Руските и советските лунарни ровери користеа плута за да му помогнат на роверот да се фати додека се спуштал на површината, додаде Барбер: „Нема ништо лошо во користењето дрво во вселената – тоа е вистинскиот материјал за вистинската задача.“
Тој посочи дека дрвото има својства кои тешко се контролираат.
„Значи, од инженерска гледна точка, тоа е прилично тежок материјал за работа… Мислам дека дрвото секогаш ќе има проблем да направи критични структури како делови од вселенски летала каде што треба да предвидите колку ќе биде издржливо“.
Истражувачите од Универзитетот во Кјото се надеваат дека користењето дрво за правење вселенски летала ќе биде поеколошки од металот бидејќи ќе изгори при повторното влегување во земјината атмосфера на крајот од нивниот животен век.