Претседателката на Косово, Вјоса Османи ги нарече „тактики“ за дестабилизација мерките што Србија ги усвои во октомври во однос на нејзината јурисдикција врз областите со мнозинско српско население во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во изјава за новинската агенција КосоваПрес, Османи денеска истакна дека Србија нема да може да постигне ништо за да ја промени непроменливата реалност на независно Косово.
„Србија нема ниту судска, ниту територијална јурисдикција над Косово од 1999 година. Дури и пред Косово да се прогласи за независно во 2008 година, резолуцијата 1244 ја одзеде целата јурисдикција од тогашна Југославија и првично ги воспостави овластувањата во рамките на цивилното и военото присуство, а од 2008 година единствена држава која има јурисдикција на оваа територија е Република Косово, што беше потврдено и од Меѓународниот суд на правдата“, рече Османи.
Според неа, целта на Србија е да го дестабилизира не само Косово, туку и целиот регион, за да ги постигне своите хегемонистички цели.
„Тоа се тенденции, тактики на Србија за дестабилизација на Косово и регионот, а она што најдобро се докажува преку овие дејствија е дека Србија сè уште го има менталитетот од 90-тите години, ментален склоп кој има за цел да ги дестабилизира соседните земји. Сепак, реалноста е неповратна и непроменлива и Србија со ова нема да може ништо да постигне“, рече Османи.
Српската влада го одобри предлог-законот за, како што ја нарече, организацијата и надлежноста на српските правосудни органи во гонењето на кривични дела извршени на територијата на Косово. Покрај ова, одобри и одлука преку која Косово го прогласи за „посебно подрачје за социјална заштита“.
Во меѓувреме, и покрај сите критики на меѓународните, тие не успеаја да ја убедат Србија да се откаже од нив. Официјален Белград објави дека ќе ја задржи на сила одлуката за прогласување на Косово за „посебна социјална област“ и дека Собранието ќе го усвои законот за надлежност за кривичните дела на Косово.