Преглед Лига на нациите: Италијанците и Французите во четвртфинале, „одмазда“ на Англичаните


Фудбалските репрезентации на Италија и Франција се пласираа во четвртфиналето на Лигата на нациите сезонава, откако Италијанците ја совладаа Белгија со 1:0 во Брисел, а Французите одиграа 0:0 на „Стад де Франс“ против Израел.

Сандро Тонали беше стрелец во 11. минута за победа на Италија на гостувањето во Белгија, со која белгиските фудбалери и математички ги загубија шансите за пласман во четвртфиналето. Ним им преостанува борбата да го задржат статусот во елитната класа на Лигата на нациите.

За три дена Италијанците во Милано ќе ги пречекаат Французите кои во четвртокот не успеаја да го победат Израел во меч кој беше придружен со големи тензии поради пропалестинските протести на улиците на париското предградие Сен Дени. Дуелот сепак се одигра, а Французите не успеаја да постигнат гол, иако беа надмоќни во текот на целиот меч. На Италијанците во недела ќе им биде доволен бод за освојување на првото место во групата, а до него можат да стигнат и со минимален пораз, бидејќи славеа со 3:1 на гостувањето во Франција.

Англиската репрезентација со победата од 3:0 на Олимпискиот стадион во Атина им се одмазди на Грците за поразот (1:2) на лондонски „Вембли“ пред еден месец. Оли Воткинс ги доведе гостите во водство во 7. минута. Англичаните со малку среќа поведоа со 2:0, бидејќи топката се одби од стативата по ударот на Џуд Белингем, но за жал на домашните заврши во голот на голманот Одисеас Влаходимос. Конечните 3:0 ги постави Кертис Џонс во 83. минута.

Англичаните и Грците имаат по 12 бода, но Англија е подобра во меѓусебните мечеви, па секоја победа против Ирска на „Вембли“ во недела ќе ѝ биде доволна за враќање во елитната група. Во последното коло Грците гостуваат кај Финска, која нема бодови и се сели во Ц класа.

Норвешка со убедливата победа од 4:1 на стадионот „Стожице“ во Љубљана, барем обезбеди плеј-оф за пласман во А класата. Норвежаните им го нанесоа првиот домашен пораз на Словенците по повеќе од две години со двата гола на Антонио Нуса (4, 59) и по еден на Ерлинг Халанд (45) и Јенс Хауге (82). Голот за Словенците го постигна Бенјамин Шешко (21) од пенал.

Норвежаните и Австријците кои победија со 2:0 на гостувањето во Казахстан имаат по 10 бода, а Словенија е трета со седум. Норвежаните во последното коло го пречекуваат Казахстан, а Австрија е домаќин на Словенија. Доколку Словенците успеат да ги победат Австријците, а Норвежаните добијат барем бод против Казахстанците, Словенија ќе го освои второто место во групата и ќе учествува во плеј-офот за пласман во елитната класа на Лигата на нации.

РЕЗУЛТАТИ и ТАБЕЛИ

ЛИГА А
Група 2
Белгија – Италија 0:1
Франција – Израел 0:0

Табела:

  1. Италија 5 4 1 0 12-5 13
  2. Франција 5 3 1 1 9-5 10
  3. Белгија 5 1 1 3 6-8 4
  4. Израел 5 0 1 4 4-13 1

ЛИГА Б
Група 2
Грција – Англија 0:3
Ирска – Финска 1:0

Табела:

  1. Англија 5 4 0 1 11-3 12
  2. Грција 5 4 0 1 9-4 12
  3. Ирска 5 2 0 3 3-7 6
  4. Финска 5 0 0 5 2-11 0

Група 3
Казахстан – Австрија 0:2
Словенија – Норвешка 1:4

Табела:

  1. Австрија 5 3 1 1 13-4 10
  2. Норвешка 5 3 1 1 10-7 10
  3. Словенија 5 2 1 2 6-8 7
  4. Казахстан 5 0 1 4 0-10 1

ЛИГА Ц
Група 4
Ерменија – Фарски Острови 0:1
Македонија – Летонија 1:0

Табела:

  1. Македонија 5 4 1 0 9-1 13
  2. Фарски Острови 5 1 3 1 5-5 6
  3. Ерменија 5 1 1 3 6-8 4
  4. Латвија 5 1 1 3 3-9 4
- Реклама -