Следната година Универзитетот Јеил ќе воведе нов курс во кој студентите ќе ги проучуваат активностите и делото на поп-ѕвездата Бијонсе, пејачка со рекордни 99 номинации за наградата Греми.
Курсот ќе им овозможи на студентите да навлезат подлабоко во „уметничкиот гениј на глобалната суперѕвезда“, се вели во соопштението на универзитетот и ќе биде насловен „Бијонсе создава историја: Радикалната афроамериканска историја, култура, теорија и традиција преку музика“ и ќе започне следната пролет.
Курсот ќе се одржи на Катедрата за хуманитарни науки и уметности, а неговата содржина ќе се фокусира на периодот од нејзиниот албум на Бијонсе од 2013 година до овогодинешниот „Cowboy Carter” и на тоа како светски познатата пејачка и текстописец создаде свест и ангажман во социјалните и политичките идеологии.
Професорката по афроамерикански студии на Универзитетот Јеил, Дафне Брукс, планира да го искористи обемниот репертоар на пејачката, вклучувајќи снимки од нејзините настапи во живо, како платформа којашто на студентите ќе им овозможат сознанија за афроамериканските интелектуалци како Фредерик Даглас и Тони Морисон.
„Ќе ги сфатиме сериозно начините на кои критичката работа, интелектуалната работа на некои од најголемите мислители во американската култура се поврзуваат со музиката на Бијонсе и ќе размислуваме за начините кои ни овозможат да ги примениме нивните филозофии на нејзината работа“, рече Брукс.
Брукс изјави за NBC News дека со години работела на дизајнирање на курсот, откако претходно предавала на Универзитетот Принстон на тема „Црните жени и популарната музичка култура“.
И Универзитетот Корнел понуди своја верзија на курсот наречен „Beyonce Nation“, во чиишто рамки се проучува траекторијата на нејзината кариера, како и влијанието врз политичкиот активизам и феминизмот.
И некои други американски универзитети имаат слични курсеви на тема Бијонсе. Меѓу нив се Универзитетот Тексас во Сан Антонио, Политехничкиот државен универзитет во Калифорнија и Државниот универзитет во Аризона.
Бијонсе, чие полно име е Бијонсе Жизел Ноулс-Картер, не е првиот уметник чии дела и активности се изучуваат на престижни универзитети.
Културното влијание и наследството во поп-културата на други познати музичари, вклучувајќи ги Боб Дилан, Тејлор Свифт и Лејди Гага, исто така се проучуваат на неколку американски универзитети.