Напаѓачот на македонската фудбалска репрезентација Дарко Чурлинов кој игра како фудбалер во полската Јагелонија изјави дека играчите се насочени со мислите кон задачите од селекторот и посакува успешно заокружување на овој циклус, особено пред домашните гледачи на Арената „Тодор Проески“ во Скопје.
„Играме на домашен терен, тоа е огромна мотивација за нас. Ќе ги анализираме противниците и ќе се фокусираме на задачите од селекторот. Нема поголем предизвик од настапот за нашата репрезентација, сите веруваме во успех и добри резултати.
Натпреварите нема да бидат лесни, сите екипи денес се на исто ниво и сите знаат да играат фудбал. Мора да влеземе со максимална ангажираност, имаме голема самодоверба и сакаме на најубав можен начин да ја завршиме задачата, со две победи пред нашата верна публика“, изјави Чурлинов.
Македонија е лидер во четвртата група од Ц сегментот во Лигата на нации и се наоѓа пред историска можност да ја продолжи низата од чисти победи со кои ќе го потврдиме пласманот во ранг погоре, како и во баражот за Светското првенство.