Барселона извесен период без Левандовски и Јамал


Барселона во следните десет дена ќе биде без својот напаѓач Роберт Левандовски, а две до три седмици без Ламине Јамал, кој е повреден, објави во понеделникот каталонскиот клуб.

Левандовски, кој го одигра целиот натпревар во поразот на Барселона од Реал Сосиедад со 0:1 во неделата, заработи повреда во долниот дел на грбот и ќе ги пропушти двата натпревара на Полска од Лигата на нациите во четврток во Португалија и следниот понеделник дома со Шкотска.

Сепак, тој треба да се врати на теренот за следното коло од шпанското првенство на 23. ноември кога Барселона патува во Виго кај Селта.

Јамал ќе паузира малку подолго, бидејќи го повреди десниот скочен зглоб и веќе беше надвор од терените во неделата.

Покрај двата натпревара на Шпанија во четврток во Данска и следниот понеделник против Швајцарија, младиот репрезентативец на Шпанија сигурно ќе го пропушти патувањето во Виго. Под знак прашалник е и дали ќе може да игра против Брест во Лигата на шампионите на 26. ноември, па дури и против Лас Палмас четири дена подоцна во Ла Лига.

- Реклама -