30
Експериментите со ткиво на црниот дроб планирани за Меѓународната вселенска станица може да доведат до обезбедување алтернатива за трансплантација на црниот дроб – оваа вест ја објавија истражувачите на Клиничкиот конгрес на Американскиот колеџ за хирурзи во Сан Франциско.
Досега завршените експерименти покажуваат дека уникатните услови во ниска орбита околу Земјата, на оддалеченост од околу 2.000 километри, ќе им помогнат на ткивата на црниот дроб самостојно да се создаваат со подобрена функционалност во споредба со методите базирани на Земјата, велат тие.
„Ова претставува критичен чекор кон создавање одржливи импланти на ткиво на црниот дроб кои би можеле да послужат како алтернатива или додаток на традиционалните трансплантации на црн дроб“, рече водачот на студијата д-р Тами Чанг од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско.
Клетките во експериментите се создадени од нормални човечки клетки репрограмирани да делуваат како ембрионски матични клетки, што значи дека можат да се променат во многу различни типови на клетки. За разлика од методите за инженерство на ткиво врзани за Земјата, микрогравитацијата им овозможува на клетките слободно да лебдат и природно да се организираат, што резултира со физиолошки попрецизни ткива, објаснуваат истражувачите пренесува „Ројтерс“.
Истражувачите, исто така, работат на напредни техники за ладење за да овозможат безбеден транспорт на инженерските ткива од вселената до Земјата, одржувајќи ги под замрзнување без оштетување. Оваа технологија би можела да го продолжи рокот на траење на инженерските ткива и потенцијално да се примени на цели органи, велат тие.