Капитенот на Реал, Лука Модриќ, по поразот од Милан со 1:3 во Лигата на шампионите изјави дека неговиот тим не е во криза и ќе се издигне.
Европскиот првак Реал Мадрид убедливо загуби во вторникот вечерта од седмопласираната екипа од италијанскиот шампионат на својот „Сантијаго Бернабеу“.
„Ова беше уште една разочарувачка ноќ за нас“, изјави 39-годишниот хрватски играч за врска во обраќањето до медиумите.
„Тешко е да се оцени нашиот настап. Имаше моменти кога игравме добро, но ова не беше нашиот најдобар настап. Генерално, одигравме лошо, а Милан беше подобар“, додаде Модриќ кој беше повлечен од теренот во 63. минута впишувајќи го 550. настап за „Кралскиот клуб“.
Реал Мадрид го забележа вториот убедлив пораз на домашен терен, откако претходно загуби од Барселона со 0:4 во шпанското првенство.
„Верувам дека ќе се подобриме. Но потребно е време“, изјави Модриќ.
Призна дека актуелниот освојувач на Лигата на шампионите има „само шест бода“, а пред него се тешки гостувања со Ливерпул и Аталанта.
„Треба да останеме обединети и да го исправиме она што го згрешивме“, истакна тој.
По четири натпревари од Лигата на шампионите, Реал Мадрид има две победи и два пораза. Тој беше поразен од Лил (1:0) во Франција, а ги победи германските екипи Штутгарт и Борусија Дортмунд со 3:1 и 5:2. Во првенството заостануваат девет бода зад лидерот Барселона, со натпревар помалку.
„Ова не е криза. Тоа не е збор кој сакам да го употребувам. Тука сум 12 години и не ми е прв пат да гледам ваква ситуација“, изјави Модриќ кој е најуспешниот играч во историјата на Реал Мадрид со 27 освоени трофеи.
Публиката незадоволна го напушти стадионот на северот на Мадрид, а медиумите ја критикуваа играта на Реал во средата. Тренерот Карло Анчелоти изјави дека тимот не е компактен или организиран и дека прима многу голови откако противниците лесно ќе и дојдат на врата.
„(Нашиот) квалитет не е присутен во моментов. Треба да работиме повеќе како тим, само така работите ќе станат полесни“, изјави Модриќ. „Сигурен сум дека ќе станеме“, рече тој.
Модриќ оваа сезона настапи на 16 натпревари и забележа три асистенции.