ВМРО-ДПМНЕ е подготвена да оди на предрвремени парламентарни избор утре, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски кој одговараше на новинарско прашање дали доколку СДСМ иницира распуштање на Собранието, како што се споменува во една од опциите, за него би биле прифатливи предвремени парламентарни избори.
Тој вели не е проблемот дали да се оди сега на предвремени парламентарни избори, туку прашањето е дали е потребно да се потрошат дополнителни 10 милиони евра за избори, а тоа се пари на граѓаните. Посочи дека во тој период ќе застане системот, нема да се испорачуваат реформи, за да, како што рече, „уште еднаш СДСМ се соочи со уште еден голем пораз“.
-Овој пат мислам дека ќе биде поголем од тој што го имаа пред шест месеци… или да избереме опција да работиме четири години и да ги засукаме ракавите за доброто на граѓаните. Јас би ја избрал втората опција. Затоа реков, мандатот на оваа Влада на граѓаните што го доби е четири години. Дали сме подготвени? Утре да одиме, подготвени сме, нема тоа никаков проблем. Но, ние носиме одлуки коишто се во интерес на граѓаните, не во интерес на љубители на естрада, изјави Мицкоски.
Премиерот додаде дека треба да се носат одлуките врз основа на тоа што граѓаните го очекуваат од нив, а претстојните локални избори се можност за партиите да видат каква им е довербата кај граѓаните.
-Еве локални избори ќе има за десетина месеци од денеска, ќе имаме кампања, отприлика ќе видиме како стоиме. Јас би им посакал на двете поголеми опозициски партии, во својата опозициска коалиција – тие две политички партии заедно со една помала политичка партија, програмски да се освежат, кадровски да се освежат и тоа да го покажат на следните локални избори. Тогаш можеме да зборуваме за тоа дали ќе има потреба или ќе нема потреба од предвремени парламентарни избори, вели Мицкоски кој ја посети Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.