Атлетико Мадрид доживотно суспендираше девет навивачи


Шпанскиот прволигаш Атлетико Мадрид доживотно суспендираше девет навивачи поради расизам и недолично однесување, објавија „Колчонеросите“.

Атлетико Мадрид ја заврши истрагата по инцидентите кои се случија на дербито против Реал Мадрид, и натпреварот од Лигата на шампионите против Бенфика.

За време на дербито во Мадрид, голем број предмети и факели беа фрлени од долните трибини во јужниот дел на стадионот, додека во Лисабон дел од навивачите на Атлетико се однесуваа расистички.

Процесот на идентификација на инволвираните траеше речиси еден месец, а клубот во соработка со полицијата го прегледала целиот аудиовизуелен материјал што бил на располагање. Клубот успеал да идентификува девет лица кои добија доживотна забрана за присуство на натпреварите на Атлетико.

„Уште еднаш повторуваме дека силно го осудуваме секое изразување на насилство и нашата посветеност да се бориме против овој тип на став за кој нема место во фудбалот и го нарушува имиџот на Атлетико Мадрид“, соопштија од клубот.

- Реклама -