Укринформ: Севернокорејските војници веќе се во Доњецк, во руски униформи и со руски документи

Севернокорејски војници веќе се наоѓаат на привремено окупираните територии на Украина, особено во Доњецк, изјави за украинската телевизија раководителот на Центарот за борба против дезинформации Андриј Коваленко, пренесува Укринформ.

Според него, овие војници сè уште не учествувале во борбите бидејќи се дел од инженерските единици, но наскоро ќе бидат употребени.

– Овие севернокорејски војници ќе бидат облечени во руски униформи, со руски документи и ќе бидат сместени меѓу Калмици и Бурјати, потенцира Коваленко.

– Ние барем знаеме за плановите на непријателот да ги искористи прво во областа на Доњецк, рече тој.

Коваленко истакна дека по „нивното воведување“, ќе бидат распоредени и во други области.

– Присуството на 10-12 илјади војници на Северна Кореја на еден фронт ќе им овозможи на Русите да ги повлечат своите трупи од тој фронт и да ги префрлат на исток, особено во областа на Харков. Затоа, заканата од севернокорејската армија не треба да се потценува, додаде тој.

Прочитајте и:  Рускиот напад со интерконтинентална ракета ги подигна полските борбени авиони

Според Главната разузнавачка служба на украинското Министерство за одбрана, се очекува дека во ноември 11 илјади војници од Северна Кореја ќе бидат подготвени за борба на страната на Руската Федерација. Во моментов тие се обучуваат на полигони во Русија.

- Реклама -