Во дерби натпреварот од шестото коло на Евролигата, кошаркарите на Олимпијакос во Пиреја го победија Реал Мадрид со 79:69.
Целиот натпревар беше многу неизвесен, а клучните моменти се случија на самиот крај кога Олимпијакос се одлепи на десет разлика и со тоа му го нанесе третиот пораз на Реал сезонава. Овие два тима сега имаат ист скор меѓу победите и поразите 3-3.
Марио Хезоња беше првиот стрелец на Реал. За 36 минути на теренот постигна 15 поени со четири асистенции и пет скока. Загуби и украде една топка. Најдобар играч на Олимпијакос беше Александар Везенков со 23 поени и осум скока.
Петтата победа ја оствари Барселона, која на гостински терен го совлада Анадолу Ефес со 97:88. Прв стрелец за Барселона беше Чимези Мету со 21 поен, додека Кевин Пантер додаде 20. Во домашниот тим најдобар беше Дариус Томпсон со 16 поени и шест асистенции.
Во неизвесен натпревар, Фенербахче на домашен терен го победи Макаби Тел Авив со 84:82, а домашните во последната четвртина ја надополнија негативата од девет поени. Фенербахче до победата го предводеа Најџел Хејс-Дејвис со 20 поени и четири скока и Девон Хол, кој имаше 16 поени и девет асистенции.
Барселона води на табелата со скор 5-1, додека Жалгирис е на 4-1 со натпревар помалку. Фенербахче, Басконија и Баерн имаат по четири победи и два пораза.
Евролига, 6. коло:
Анадолу Ефес – Барселона 88:97
Алба Берлин – Париз 83:92
Фенербахче – Макаби 84:82
Олимпијакос – Реал Мадрид 79:69
Басконија – Олимпија Милано 88:83
Виртус Болоња – Баерн 84:87